„Поместени граници“ како повод за преиспитување на стварноста

Arranged borders 2019

„Молк за ...“ е насловена кураторската изложба што во рамките на третото издание на „Поместени граници“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, ќе се одржи од 22 април до 4 мај во Галеријата на Младинскиот културен центар-Скопје.

Македонските уметници Моника Мотеска, Зорица Зафировска, Нехат Беќири, Андреј Митевски, ОПА, Антонио Пирковски и Лени вон Гелева, Никола Узуновски и гостите Софија Григориаду од Грција и Ремијон Проња од Албанија, се учесниците на третото издание на проектот на Друштвото на ликовните уметници на Македонија - „Помесетни граници“. Годинава, по прв пат, проектот е кураторски и изложбата од Александра Зиновски Вилиќ е насловена како „Молк за ...“, а ќе биде отворена в понеделник, на 22 април, во 20 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар-Скопје.

Говорејќи за него, Зиновски – Вилиќ знае да каже дека „Поместени граници“ се стреми во надминување на традиционалниот модерен приказ во ликовната уметност со тоа што додавајќи му концепт на делото кој говори преку една можеби препознатлива идеја, прави обид, а тоа е всушност и една од основните цели, да ги претстави и доближи кон пошироката публика новите аспекти на уметничкото истражување на различни начини.

Овој проект, како што дополнува кураторката, има концептуален карактер, што значи дека се занимава со промислување, преиспитување, анализирање, критикување, лично видување/чувствување на стварноста, на нашето живеење.

„Со тематската определба на оваа изложба всушност сакаме да реагираме, укажеме, помогнеме во поентирањето на она што го чувствуваме како неправда, лага, манипулација. Се среќаваме со толку комплицирано секојдневие, кое всушност ние така го доживуваме секако поради пореметените стандарди, кои за жал и сè побрзо исчезнуваат, видливите и невидливи парадокси, асоцијациите на веќе изминати општествени уредувања и навлегување во нови, кои во овој период донекаде претставуваат неизвесност, чувство на загуба, или пак, надеж за подобра иднина. Проблемите кои долги години го исцрпуваат нашето општество, а истото се однесува и на поширокиот регион околу нас, несомнено оставаат болни траги“, вели таа.

Александра Зиновски – Вилиќ и со дополна дека концептуалните уметници кои ја прифатија поканата за учество на изложбата „Молк за...“, се автори кои покажаа особено големо меѓусебно разбирање, заедничка соработка и прекрасен дијалог при подготовките.

„Силниот интеркултурен дијалог како потреба која ни ја враќа вербата, сметам дека ќе биде сигурно забележан на оваа изложба“, смета Зиновски – Вилиќ.

Инаку, Друштвото на ликовни уметници на Македонија поставката ја потпишува во соработка со Град Скопје , Министерството за култура на Република Македонија и Галеријата на Младинскиот културен центар, а таа доаѓа непосредно по завршувањето на „Современа скулптура“, уште еден возобновен проект на асоцијацијата на кој годинава лауреат и добитник на наградата на семејството на академик Боро Митриќевски беше уметницата Гордана Хаџи Николова - Малашев од Гевгелија.