Дневен печат – Предизборна кампања и можни амнестии за 27 април

Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река

Текот на кампањата за претседателските избори, како и можноста претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува осудените за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година се главни теми во дневниот печат.

„Втора недела од кампањата за претседателските избори“, потсетува Нова Македонија. Вечер со малку подетален наслов изваден од консултираните политички аналитичари: „Како поминува кампањата во првата недела, секој следен ден се очекува поостра борба“.

Видете и ова: Кандидатите ги „ловат“ неопределените, партиите анимираат членство

Независен информира за конференцијата „Какви избори – таква иднина“ и објавува делови од излагањето на директорот на невладината организација „Цивил“, Џабир Дерала: „Политичките партии ги користат сите дупки во Изборниот законик, а во текот на изборниот процес највидлива е појавата на говорот на омраза направен како комбинација на етничка, верска и антимигрантска хистерија“.

Нова Македонија ги објавува оценките на посматрачите на ОБСЕ/ОДИХР на кампањата за претседателските избори. Посматрачката мисија, покрај другото, забележува дека пред кандидатите официјално да се регистрираат на 21 март биле вклучени во активности на кампањата преку одржување средби со граѓаните и давање интервјуа во медиумите. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР забележува дека генерално, жените се недоволно застапени во јавниот живот, но дека женските права и родовата еднаквост сè уште не се пројавиле како истакнати прашања во кампањата.

Вечер го објавува барањето на Хелсиншки комитет „ДИК итно да излезе со појаснувања и препораки за медиумското претставување на изборите бидејќи на одредени радиодифузери им е ускратена можноста да се вклучат во медиумското претставување поради несоодветно и нејасно постапување на ДИК“.

Независен и Вечер ја објавуваат изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан по средбата со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел: „Добив уверување од Мицкоски дека нема да има бојкот на изборите“.

Видете и ова: Први приговори за злоупотреба на државни средства во кампања

Во електронските изданија на печатените медиуми доминираат и информациите во врска со прашањето дали претседателот Иванов, на крајот на својот мандат, ќе ги помилува осудените за 27 април. Независен има наслов: „Иванов ги чува во фиока помилувањата“, а ја објавува и изјавата на министерката за правда, Рената Дескоска: „Нема законска можност за помилувања од Иванов“. Истава вест ја објавуваат и Нова Македонија и Вечер. Слободен печат во насловот информира: „Од Кабинетот на Иванов потврдија дека тој прима барања за аболиција“ – и веднаш потоа поставува прашање: „Дали ќе ги одобри?“

Во порталите различни толкувања и околу тоа дали во преговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата се прифатени или не некои амандмани на предлог-законот за Јавно обвинителство, пренесувајќи ја и изјавата на премиерот Заев. Независен оди со наслов: „И по последната средба пред три дена остануваат клучните разлики за законот за Јавно обвинителство“, а го цитира и премиерот дека „во однос на барањето на опозицијата за исфрлање на ’бомбите‘ како доказ, тоа е прашање што е прифатено, но почнатите 18 судски процеси продолжуваат“. Оваа вест ја објавува и Нова Македонија. Слободен печат на насловната страница со подбивен наслов и фотографија на премиерот Заев кој држи динамитски прачки во рацете: „Бомби без фитил“. Независен објавува и ваков наслов: „ВМРО-ДПМНЕ демантира дека се прифатени дел од нивните забелешки за законот за обвинителството“.

Печатените медиуми инфoрмираат и дека Владата донела одлука повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци да не плаќаат здравствено осигурување, потоа дека стадионот што претходната Влада го именува „Национална арена Филип Втори“ отсега ќе биде „Национална арена Тоше Проески“, дека ВМРО-ДПМНЕ донира од скапите лустери во новото седиште за манастир во родното скопско село на Јохан Тарчуловски, а имотот на партијата е замрзнат поради судски предмет, дека гостиварецот кој запали автомобилски гуми и друг отпад на отворен терен добил казна од 2 илјади евра...