По прилозите објавени на веб страницата на РСЕ за младите и за нивните проблеми во општеството, кратки видео-клипови кои можат да се гледаат и на Јутјуб, на пример за првата жена машиновозач, за ѓубрето околу нас што се заканува да нè потрупа, за проблемите на лицата со посебни потреби и односот спрема нив –има само понекој лајк, но ниеден коментар. По информациите врзани за политиката, за партиите, особено сега пред изборите за претседател на државата – купишта ваши коментари.
Редовното неделно интервју на нашево Радио е со еден од кандидатите, Стево Пендаровски. Во коментарите се развиени цели дебати со меѓусебни навреди и лични навреди за соговорникот, говор на омраза од лажни и вистински профили. Доната Лаки, на пример, препорачува новинарот да го прашал Пендаровски „зошто се кандидира по втор пат. Ако беше толку добар“, вели, „ќе добиеше уште пред 5 години“. Жарко Јовановски му одговара: „Поради тоа што тогаш со државата владееше злосторничко здружение кое ги крадеше и фалсификуваше изборите“. Покрај другото, Пендаровски вели дека изборот е изолација или пат кон развиениот свет, а Јован Наумовски Кечеги го „поправа“: „Изолација или тапкање во место, тие ни се изборите“. Андреј Аврамов го прашува да објасни „како останатите 160 земји на ЕУ се изолирани и ’тапкаат во место‘“, а Иван Ковачки напишал: „Изборот е дали да пишат казна за брзо возење или не“. Џимо Абди со друга диоптрија: „За жал ќе стане претседател оти и албанските партии се 100% за Пендаровски. Ахмети, Тачи, Селмани – сите се за него, а имаме албански кандидат, еве што е политика“.
Посетителите на нашата ФБ страница коментираат и по информацијата за кандидатката Гордана Силјановска Давкова, за една од изјавите дека ако биде претседател, ќе ги потпишува указите со новото име на државава. Васил Ѓоргиев кратко постирал: „Е затоа и има иницијатива за бојкот“. Гоце Цекоски, пак, нарекува некои од оние што постирале „комуњарчиња“ и вели: „Доста со тоа БОЈКОТ, досадни сте. Ние Македонците ќе гласаме, и ќе се избориме за нашето уставно име. Ви се гледа крајот.“ Ангел Јовчевски се обраќа до опозициската партија: „Епа затоа оти и вашиот кадар од ВМРО-ДПМНЕ е заедно со Сорос, исто ѓубре сте со СДС, затоа бојкот“. Зоки Бошков препорачува: „Што побргу се вратите во реалноста дека името е сменето и веќе сме Северна Македонија ќе ви биде на сите полесно, џабе плукате по коментарите, и онака сите во Грција на одмор кажувате дека сте од Скопје за мир во куќа, затоа патриотизам само за по дома.“
Има повеќе постови со подбивна содржина по лапсусите на настапите на Силјановска Давкова, но нема да ги цитираме зашто се со непримерен речник, но затоа ја цитираме критиката до нашево Радио на Наташа Тасевска: „РСЕ прикажувате голема ’независност‘ во пресрет на претседателските избори. Во ред е, барем си покажувате дека сте пристрасни и не се криете“. Ѕвонко МК Димитровски коментира дека „рекордер во гафови е З.З, ама и тој и РСЕ свират во кавалот на Сорос па нормално неговите гафови ќе ги минимизирате до игнорирање за разлика од останатите“.