Битола е трет град по бројот на претставки поднесени од граѓаните до Регионалната канцеларија на Народниот правобранител, зад Скопје и Тетово. Лани, од 15 општини од Југозападниот регион имало 367 предмети, од кои постапката е во завршна фаза за уште три предмети.
Лилјана Илиевска од Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Битола вели дека соработката со органите на централната власт е исклучително подобрена, а со локалните власти има уште да се работи.
„Органите на централната власт секогаш одговараат на барањето на Народниот правобранител во дадениот рок и секогаш ја доставуваат целосната писмена информација што се бара од нив. Од друга страна, општинските администрации, училиштата и јавните претпријатија ретко ја доставуваат бараната писмена информација, таа е нецелосна и речиси секогаш забораваат да ги приложат бараните докази. Тоа го прават по доставување на ургенции“, додаде Илиевска.
Видете и ова: Најмногу претставки до заменикот омбудсман биле поднесени за правосудствотоЖителите од Југозападниот регион најмногу се жалеле на правосудството, особено на долги судски постапки. На второ место се проблеми во работните односи, а на трето урбанизмот и градежништвото.
„Минатата година зачестени беа претставките за работните односи. Речиси сите се однесуваа на основни и средни училишта, градинки и на локални претпријатија, и тоа за непродолжување на договори за работа склучени на определено време, постапки за вработување, избор на кандидати и друго. И покрај констатираното дека во овие постапки не е повреден законот, кај подносителите остана впечатокот дека решенијата биле политички мотивирани“, рече Илиевска.
Таа посочи дека по претставките од градежната сфера се случувало градежните инспектори да не постапуваат по барањата на Народниот правобранител.
„Во областа на урбанизмот и градежништвото, за разлика од 2017 година кога соработката на Народниот правобранител и градежната инспекција беше навистина на високо ниво, за жал во 2018 година е забележана стагнација. Градежните инспектори не постапуваа по барањата на Народниот правобранител во дадените рокови. Беше потребно да се доставуваат повеќе ургенции. Неажурното постапување по пријави на граѓаните за почеток на бесправна градба, неблаговременото постапување по барањата на Народниот правобранител за вршење инспекциски надзор доведуваше до тоабесправниот градител да ја изгради градбата“, рече Илиевска.
Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека на централно ниво, во 2017 година бројот на жалби од граѓаните бил намален поради големите очекувања од промената на власта, а сега бројот веќе расте. Така на годишно ниво од цела држава примаат од 3.000 до 4.000 жалби од граѓаните, од кои до 1.200 случаи констатираат повреда на правата, а во 80 проценти се успева неправдата да се исправи.