Културните работници во земјава повторно извисија. Министерството за култура преку електронска пошта ги известило дел од институциите во културата дека договореното порамнување на платите ќе се спроведе по завршување на изборниот процес. Ова подразбира дека вработените во овој сектор, кои патем се помирија со одлуката дека нивелацијата ќе биде одложена за еден месец и наместо во март ќе се спроведе во април годинава, сега се двојно повеќе разочарани.
Видете и ова: Чекајќи ги Законот и Колективниот договор – културата на дното„Она што ние го знаеме е дека нашата нивелација беше прифатена од страна на Владата пред крајот на годината. Министерот објави дека, по иницијатива на СКРМ, со мартовските плати ќе се случи порамнувањето и неправдата што е наметната пред многу години ќе биде исправено, но за жал ете тоа не се случува. Сè уште мислиме дека нивелацијата можеше да се спроведе, особено затоа што одлуката е донесена во декември минатата година и за нејзиното спроведување не се користат дополнителни буџетски средства, надвор од предвидениот буџет на Министерството за 2019 година. Порамнувањето не значи покачување на плати, туку исправање на неправда со законска основа“, вели Сања Арсовска, претседател на СКРМ.
Таа појаснува дека работниците во културата имале разбирање за одложување на порамнувањето за еден месец, наместо во март, да се спроведе во април, верувајќи дека така Министерството ќе направи сè за исполнување на ветувањето и покрај тоа што биле свесни дека на земјава и претстојат претседателските избори.
„Заради пресметките за коишто ние имавме разбирање затоа што се работи за еден процес во кој се околу 3000 вработени во институциите и мора сето тоа точно да се направи ни беше кажано дека нивелацијата ќе доцни еден месец и наместо со февруари ќе биде во март, за што исто така имавме разбирање и кога веќе чекавме толку многу, цели 15 години, да почекаме уште малку, но испадна на крај да ни се случат изборите. Е, сега дали Министерството за култура свесно „украде“ еден месец за спроведување на нивелацијата, за потоа со изборите да си купи време од уште неколку месеци?! Очекуваме јавно да излезат на прес-конференција и да кажат како течел целиот процес, како се правени пресметките, со кои законски пречки се соочиле и поради кои конкретни законски одредби порамнувањето е одложено“, ќе рече Арсовска.
Видете и ова: Културните работници – заложници на постојните системски решенијаОд Синдикатот за култура забележуваат дека во изминатиот период, од кога е формирана актуелната власт, нивната асоцијација имала низа на активности и реакции кои се во правец на подобрување на состојбата на вработените, „која пак сама по себе е срам за една држава со стремеж кон европски вредности“. Велат дека и покрај искажаната позитивна политичка волја од страна на Министерството за култура и отпочнатите процеси на изготвување на нов Закон за култура, нов Колективен договор, порамнување на платите во рамките на секоја дејност, сепак кај членството преовладува чувството дека работите не се одвиваат со потребната динамика.
„Токму поради тоа, револтот кај вработените во културата расте и сè погласни се повиците за протести и штрајк. Во моментот, директна причина која стимулира гнев е токму ова одложувањето на ветената нивелација на платите и молкот на Министерството за култура кое само преку анемична и речиси неформална порака ги информираше некои од институциите. Министерството за култура не само што е должно да му соопшти на Синдикатот и на јавноста поради што конкретно се одложува порамнувањето туку и како ќе биде надоместено неодржаното ветување. Како што веќе реков, трпението на вработените е веќе растегнато до максимум и повеќе не постои простор за толеранција“, истакнува Гоце Павловски, секретар на СКРМ.
Тој и со дополнување дека на следниот состанок на Советот на СКРМ, овој петок, ќе биде донесена одлука за конкретните активности на континуиран притисок врз Министерството за итно спроведување на нивелацијата, усвојување на Законот и потпишување на колективниот договор. Според него, Министерството мора да разбере дека овие проблеми се на врвот на листата на приоритети и без нивното решавање нема да функционираат институциите.