ВМРО-ДПМНЕ минатата година на име на донации собрала 901.380 денари или речиси 15 илјади евра. Оваа сума ја донирале седум физички лица и две фирми. Најмногу пари, околу 10 илјади евра дала фирмата за пластична амбалажа Бас Тути Фрути. Фирмата Бас тути фрути е меѓу најуспешните фирми на Албанци на македонскиот пазар и е во топ десетте членки на Северозападната стопанска комора по остварен приход. Фирмата Кожувчанка во сопственост на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, пак донирала трговска стока во вредност од 1780 денари. Јанчев беше потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, но беше разрешен од сите партиски функции на 22 октомври 2018. Од физичките лица најмногу дале Митко Тодоровски и Игор Ристевски и тоа по 1000 евра, а најмалку Слаѓана Митовска која дала 9600 денари. Сите физички лица, освен Митовска, донациите ги направиле на 11 јануари 2018, а таа донирала на 30 ноември.
За споредба пак ВМРО-ДПМНЕ во 2017 собрала 908 илјaди евра од донации.
Ахмети и Џафери за ДУИ дале по 600 евра
Во годишниот извештај што го доставиле од ДУИ, под членарина се наведени имињата на 60 членови кои донирале различни суми на пари од 2000 до 175 илјади денари и собрале 1.684.754 денари (околу 27.400 евра). Претседателот на партијата, Али Ахмети дал 36 илјади денари. Толку дал и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Но, ги нема имињата на вицепремиерите Бујар Османи и Хазби Лика, ниту пак пратеникот Артан Груби. Под ставката донација има само едно име и тоа на Бејтула Адеми, поранешниот директор на ГА-МA и партиски благајник, кој донирал 184.200 денари. Од Министерство за правда примиле околу 25 милиони денари или околу 408 илјади евра. За партиски истражувачко-аналитички центри, пак, од државата добиле 4,5 милиони денари или над 74 илјади евра.
Во графата членарина се наоѓаат и Општина Липково и Стоматолошката клиника, но во извештајот стои забелешка дека членарините се всушност од вработени во тие институции.
Социјалистичката партија на Македонија во 2018 нема примено донации.
Националната демократска преродба од донации има 41 илјада денари и тоа од 4 луѓе кои донирале од 1.000 до 20 илјади денари. Од членарина пак имаат 5.400 денари од 9 луѓе кои платиле по 600 денари.
За Беса тројца донатори донирале по два пати
Од Беса на Биљал Касами испратиле извештај според кој имале девет донации и тоа, осум од луѓе кои им донирале пари, а еден услуги во вредност од 73.200 денари. На сметката на Беса луѓето донирале од 1000 до 95 илјади денари. Касами донирал 30.750 денари. На списокот се повторуваат имиња на тројца донатори кои донирале по 2 пати.
Другите партии сè уште немаат доставено извештаи до УЈП, а рокот за тоа истекува до крајот на месецов.
Повеќе пари од буџетот за партиите, а помалку од донаторите
Со измените во Законот за финансирање политички партии, донесени минатата година, за 2,5 пати се зголемуваат сумите кои партиите ги добиваат од буџетот. Досега партиите добиваа 0,06 отсто од буџетот, а со измените во Законот за финансирање на политичките партии овој процент се зголемува на 0,15 отсто, што значи дека партиите годинава од буџетот ќе добијат 5,5 милиони евра.
Триесет отсто од овие пари ќе бидат наменети за малите партии, додека 70 отсто за големите партии кои имаат свои советници и пратеници.
Со измените се намалува сумата за донации, односно правните лица повеќе нема да можат да издвојуваат за партиите 150 просечни плати, туку се ограничени на 60 просечни плати. Физичките лица пак наместо 75, ќе може да донираат 30 просечни плати. Партиите ќе може да се финансираат и од кредити, а и да поседуваат земјиште што не беше пракса досега.
Партиските пари тешко се контролираат
Парите на партиите повторно се во фокусот со предложените измени на Законот за слободен пристап до информации кои се во собраниска процедура. Партиите повикувајќи се на препораките од ОБСЕ не сакаат да бидат носители на информации од јавен карактер. Невладините, пак, кои учествуваат во дебатата за измени на законот велат дека јавноста треба да има увид во тоа колку државните пари се префрлаат на партиска сметка.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Арлем Дезир, во прегледот на амандманите на Законот наведува дека препораката политичките партии да се отстранат од нацртот немала за цел да се намали транспарентноста.
„Мојата канцеларија целосно го поддржува правото на граѓаните да бидат информирани за начинот на кој се трошат јавните средства, вклучувајќи го и јавното финансирање за политичките партии. Сепак, ова прашање треба да се реши преку други закони, како што се законите за финансирање на политичките партии и за спречување на корупцијата“, рече Дезир.
Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека се потребни цврсти институции кои ќе може да ги контролираат партиските пари.
„Ние знаме како функционираат институциите кај нас, знаеме дека политичките партии, особено тие на власт, имаат еден вид на имунитет пред сите тие институции кога станува збор за контрола на нивното финансиско работење, сведоци сме дека државните институции се склони да бидат пријателски настроени кон партиите на власт со тоа што се обидуваат да ги прикријат недоследностите во нивното финансирање, и затоа единствена светла точка во овој процес е законот за пристап до информации и неговото користење од страна на невладините организации, медиумите, новинарите истражувачи“, вели тој.
Незири вели дека во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ сите афери поврзани со партиските финансии излегоа токму од медиумите и новинарите истражувачи.
Откако паднаа од власт, СЈО отвори истрага за финансирањето на партијата додека беа на власт. Во истрагата за случајот Талир, било утврдено дека од 2009 до 2015 година на партиската сметка незаконски легнале пет милиони евра.
Рекламирањето на кадидатите за претседател на државна сметка
За претстојните претседателски избори партиите ќе може да ја финансираат само кампањата на терен, но не ќе мора да издвојуваат пари за медиумско рекламирање, оти новиот Изборен законик предвидува медиумското рекламирање на кандидатите да се плаќа од државниот буџет. Кандидатите ќе може да потрошат најмногу 110 денари за секој запишан гласач во Избирачкиот список.
Државната комисија за спречување корупција со новиот закон сега има поголеми надлежности за следење на партиските пари. Сега се насочени кон следење на кампањата за претседателските избори. Тие ќе следат дали има злоупотреба на буџетските средства, како и дали се злоупотребува работното време и материјалните средства кои им се на располагање на државните органи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ревизорски извештаи со низа забелешки
Ревизорите пак со години наназад за партиските извештаи нотираат низа забелешки, како нецелосни податоци за трошоци, неподмирени сметки, недоволно јасни извештаи за плаќање на членарини....
Во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за локалните избори во 2017 за владејачката партија се наведува дека СДСМ за изборите зеле кредит од банка, а една година подоцна го вратиле, но тоа се случувало пред да биде донесен законот со кој им се овозможува на партиите да се финансираат и од кредити. Партијата во кампањата најмногу пари трошела за рекламирање, а Заводот препорачува уплатите за членарините да се прикажуваат поединечно.
Во извештајот за ДУИ кој се однесува на локалните избори во 2017, меѓу другото се наведува дека во текот на кампањата се примени донации од физички лица чии износи ја надминуваат висината од 3.000 евра во денарска противредност и разликата меѓу дозволената и донираната вредност во износ од 310 илјади денари се вратени на сметките на одделни донатори, наместо да се префрлени во државниот буџет. А има забелешки и за платеното политичко рекламирање, односно немало медија планови и извештаи за реализација на фактури за рекламирање во износ од 257 илјади денари, па ревизорите не биле во можност да утврдат дали расходите се однесуваат на реално потрошеното време за медиумско рекламирање.