Сашо и Пандора Саздовски понижени од Комисијата за визуелни уметности, архитектура и дизајн

Истражувачкиот проект за реализација на студиски престој и изложба во Њујорк на уметниците Пандора Апостолоска - Саздовска и Сашо Саздовски, од Министерството за култура е одбиен со образложение: „Повторување на едни исти ликовно-естетски вредности“. Авторите вчудоневидени и најавуваат жалба.

Нашиот проект за реализација на студиски престој и изложба (истражувачки проект од областа на визуелните уметности скулптура, инсталација, цртеж) во Културниот центар во Њујорк за кој сме наградувани на домашно, меѓународно ниво и критички евалуирани од историчарот на уметност Златко Теодосиевски, беше одбиен поради цитираме „Повторувањето на едни исти ликовно-естетски вредности“.

Ова ќе го напишат во своето писмо до јавноста академскиот скулптор М-р Сашо Саздовски и уметничката Пандора Апостоловска Саздовска, веднаш по објавувањето на финалните резултати од годишниот Конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура.

Тие се вчудоневидени од ваквата одлука и сметаат дека и овојпат Програмата е одраз на непрофесионалноста и неспособноста да се верификуваат и поддржат проекти кои се квалитетни, прогресивни и од витално значење за развојот на критичкиот дијалог во Македонија, што доведува до деструкција и уназадување на културата во сите нејзини сегменти.

Сашо Саздовски истакнува дека делата од циклусот „Објекти“ се нешто на што работи во последниве неколку години. Дополнува дека минатата година неговото творештво беше презентирано во Музеј на град Скопје и , според него, многу е симптоматичен моментот кога некој, во случајов Министерството за култура, во писмото со кое ви го одбива проектот ви става до знаење дека причината за тоа е „повторувањето на едни исти ликовно-естетски вредности“.

„Кога работите ликовно-истражувачка дејност на скулптурата како медиум неминовна е репетиција, односно повторувањето на одреден ликовен мотив со кој се разработува темата. На тој начин се согледуваат одредени добри и лоши страни на делото и со мали промени се цели кон негово ликовно доусовршување. Мојот циклус „Објекти“ продолжува во новите дела кои ги разработувам низ цртежи, скулптури и слики се додека јас како автор чувствувам потреба дека останува отворен за нови нешта. Додека чувствувам дека имам потреба нешто ново да кажам врз тоа и секогаш додека таквата потреба постои циклусот останува отворен за нови потраги. На нив планирав да работам на тој студиски престој кој требаше да се случи во Њујорк годинава“, вели Саздовски.

Пандора Апостоловска - Саздовска, знае да каже дека тие како творци кои редовно аплицираат на Конкурсот за проекти од национален интерес при Министерството за култура претежно се одбивани. Годинава аплицирале со еден проект за студиски престој во Њујорк, но и тој не поминал кај Комисијата за визуелни уметности, архитектура и дизајн за цели три бода – наместо 65 имале само 62?! Од таму таа изразува сомнеж во стручноста на некои од членови од Комисијата што ги оценувала проектите.

„Според наши сознанија постои сомнеж во стручноста на двајца од тројцата членови на Комисијата и затоа ќе бараме од Државната изборна комисија да бидат доставени на увид и разгледани биографиите на Медина Хоџа и Имер Бајрами. Сметаме дека според нивната биографија, професионално искуство, бројот на реализирани самостојни изложби\модни ревии горе наведените не се доволно искусни и стручни да вршат евалуација на проекти од областа на визуелните уметности. Додека во однос на третиот член Трајче Блажевски, кого ние го почитуваме како колега и е професор на Факултетот за ликовни уметности, само ќе кажеме дека и во неговото творештво се јавува „повторување“ и во однос на темата и во однос на цртежот, но тоа нималку не ја намалува неговата вредност како графичар“, истакнува Апостоловска – Саздовска.

И, кога сме веќе тука Сашо и Пандора кон својот приговор на одлуката ќе ја приложат изјавата со стручното мислење на историчарот на уметност и куратор Златко Теодосиевски каде, меѓу другото, стои.

„Повторувањето на едни исти ликовно-естетски вредности“ не е механика, туку е процес, не е фабричка лента за производ на исти предмети, туку е творечка лабораторија каде што, често, една поинаква нијанса или извлечена линија на делото му даваат друг, нов, подобар квалитет!

Инаку, ако се земе за валиден цитираниот став на Комисијата, тогаш историјата на уметноста од Модерната до денес би морала да елиминара цели опуси на врвни светски уметници од типот на еден Брак, Мондријан, Полок, Вазарели, Модиљани, Марини, Ѓакомети ... и многу, многу други. Практично целата уметност на дваесетиот век, во Европа и светот, е уметност на „повторување“!

Ваквиот „став“ на Комисијата не е воопшто стручен, туку претставува брутално негирање, дури понижување на творештвото на двајца реномирани млади македонски уметници. Доколку прифатиме ваков „став“ како вредносен суд за прифаќање или отфрлање на проекти / уметници и нивното творештво, и тоа со силата на потписот на државен орган надлежен за работите во културата, ние практично ја негираме и повеќе од половината од досегашната македонска ликовна уметност и уметници од калибарот на еден Мартиноски, Личеноски, Мазев, Чемерски, Перчинков, Пенушлиски, Митриќески, Маневски, Луловски ... и многу, многу други, чие што творештво се темелело токму на „повторување“ на ним блиска ликовна естетика и погледи на уметноста, што никако не ја намалува нивната историска и уметничка вредност! Напротив!!!

Инаку, чисто како потсетување Сашо Саздовски и Пандора Апостолоска Саздовска сликар имаат активна, континуирана и вредносно потврдена дејност со повеќе од 20 самостојни изложби и над 40 групни поставки, интернационални симпозиуми за современа уметност и учество на интернационални уметнички конференции. Наедно тие се добитници на престижни награди и признанија во земјава и во странство.

Сашо Саздовски е и единствениот македонски скулптор чие монументално дело е дел од колекцијата на на еден од најреномираните музеи во Европа, Музејот Марк Ротко во Латвија. Во 2017 година на лична покана на директорот на Музејот Марк Ротко, Г-от Марис Чачка се потпишува како член на изборната комисија на уметничкиот скулпторски симпозиум за јавна монументална скулптура. Освен во Латвија, Саздовски има реализирано над 30 монументални скулптури во јавен простор и тоа во Аргентина, Оман, Катар, Словенија, Азербеџан, Италија, Обединетите Арапски Емирати, Австрија, Косово, Турција, Германија, Русија, Данска, Црна Гора, Србија, Република Чешка, Португалија и три скулптури во Скопје, од кои едната е пред Министерство за Култура.

Добитник е на престижни награди од областа на скулптурата во земјава и во странсво. Прва награда за скулптура доделена од Градот на културата УМЕА Франција, Специјална награда за скулптура "Оскар Кокошка" Австрија, Прва награда за минијатурна скулптура "Димо Тодоровски" Македонија, Прва награда за скулптура "Јордан Грабул" Македонија, Награда за монументална јавна скулптура "Бесконечност" Министерството за култура на Република Македонија, Награда за монументална јавна скулптура "Трансфер на енергија" Министерството за култура на Република Македонија, Награда за монументална јавна скулптура Република Чешка...

Пандора Апостолоска - Саздовска е добитничка на неколку признанија и награди од областа на визуелните уметности како Признание од комитетот за култура на Националниот музеј во Хиан, Република Кина, Признание од Универзитет за уметност и дизајн Аман, Јордан, Признание од Центарот за современа уметност во Асила, Мароко симпозиум под покровителство на Кралот Мухамед VI... Таа е добитник и на престижни награди од областа на сликарството. Меѓу нив се третата награда за сликарство од Европскиот Град на културата Умеа, Париз, Франција, Бронзена плакета од Центарот за современа уметност Калдаш Да Риња, Португалија, Втора награда на биеналето Екс Темпоре во Хрватска и Прва награда за сликарство Форма Вива во Словенија.

Во 2017 на покана на организацијата Сажаја под покровителство на кралското семејство Касами одржа предавања од областа на современата уметност на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, во Обединетите Арапски Емирати.