Луѓето кои работат како такси возачи, дистрибутери на производи, поштари и во слични услужни дејности во Тетово имаат мака како да ги најдат голем дел од куќите, зградите, фирмите, па и објекти на институциите. Причината е во тоа што на многу објекти нема поставено адресни податоци, односно натписи со имињата на улиците и таблички со броевите.
Оваа проблематика е присутна долги години. Таксистите на пример се снаоѓаат поврзувајќи ги куќите и објектите со броевите на малкуте места каде ги има. Имињата на улиците се паметат и од мапи, вели Светозар Глигуровски, таксист со повеќе од 15 години искуство.
Видете и ова: Тетовските улици секој си ги вика по свое„90 отсто од градот нема броеви. Натписи на улиците нема. Која улица е како. Ако се снајдеш, снајдеш ако не ќе заглавиш. Новите куќи кои се изградени помеѓу куќи, немаат броеви. Старите, тек-тук имаат. Се наоѓа по некој број ако не сменил врата. Планот на градот е за нигде. Улиците не се средени“, вели Светозар Глигуровски.
Меѓу причините за ваквата состојба е несовесноста на граѓаните кои ги отстрануваат адресните податоци поради реновирање на куќите или изградба на нови објекти наместо старите. Исто така и општинските служби не ги поставуваат новите нумерации ако на пример е изградена зграда на место на повеќе куќи.
Иако доделувањето на адресните податоци и куќни броеви е во надлежност на локалните самоуправи, во Општина Тетово се правдаат со немањето на нов Генерален урбанистички план речиси две децении како причина зошто не ги поставиле таблите со имиња и броевите.
„Со оглед на тоа дека се уште не е усвоен новиот генерален урбанистички план, новите објекти тие што се избројани се со стариот урбанистички план. Се додека нема нов генерален урбанистички план нема можност да се набројат објектите. Затоа како ќе се формираат редните броеви за новоизградените згради ќе решава урбанизмот. Штом тие даваат дозволи ќе ги прецизираат и броевите“, вели Арменд Фазлиу од кабинетот на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Општинските податоци за адресите низ цела Македонија според законот за катастар на недвижности треба да се најдат во единствен Графички регистар на улици и куќни броеви. Адресните информации треба да бидат опфатени и со пописот на населението, домаќинствата и становите при што во документите треба да се запишеулица и број на зградата и станот во кој живеат лицата.