Достапни линкови

Кумановскиот плоштад од Нова Југославија во Македонија?


Пратеници од локалната опозиција во Куманово поднесоа иницијатива за смена на називот на Плоштадот Нова Југославија во Македонија. Анкетираните граѓани сметаат дека на тој начин се брише дел од историјата.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери во Куманово започна со собирање потписи од граѓаните за смена на називот на Плоштадот од Нова Југославија во Македонија. Ова ќе биде разгледано на некоја од наредните седници на Советот кога ќе се одлучи дали иницијативата ќе биде прифатена.

Инаку, според Драган Петковски советник од локалната опозиција во градот, треба да се сменат називи и на многу улици именувани по некои личности кои се анахрони, но и да се воведе уличен систем во населбите. Тој додава дека на пример, во селото Доброшане сите жители имаат иста адреса, што им создава голем проблем во нивниот секојдневен живот.

Кумановци се со поделени мислења за тоа дали Плоштадот ќе се вика Нова Југославија или Македонија. Според дел од нив, граѓаните имаат поголеми проблеми како што е егзистенцијалниот, отколку со називите кои се повеќе од административна природа.

„Толку години постои, а сега да го менуваме. Историјата се брише.“

„Зошто да се менува, нека си остане. Ако се смени името ќе се брише историјата, не пречи Југославија да се вика.“

„Ништо не е средено, името нека си остане.“

„Мислам дека не треба.“

„Никако. Се брише историјата, не знам зошто општинските советници воопшто и побараа да се менува името, зашто сите ние сме дел од една историја.“

Оние што со својот потпис ја поддржуваат иницијативата сметаат дека тоа требало да се случи уште по осамостојувањето на Македонија и дека Куманово е последен град во кој ништо не е сменето.

„На тоа гледиште сум од почетокот на осамостојувањето на Македонија. Еднаш за секогаш треба да расчистиме со некои поминати времиња. Тие времиња некому му останале во добро, а некому во лошо сеќавање. Ние историјата не можеме да ја менуваме. Сега не постои таа Југославија, а има некои наши патриоти кои заслужуваат улиците да носат нивни имиња. Погледнете ги називите на улиците во Куманово. Се тоа се имиња на некои српски партизани, како ние да немаме во Куманово или во Македонија. Еднаш треба да се свртиме кон себеси, да си го почитуваме минатото и сегашноста.“

Советникот Петковски и еден од иницијаторите вели дека ова не е обид за бришење на историјата, како што сметаат дел од граѓаните.

„Не се обидуваме да ја бришеме историјата, ниту мислиме дека тоа можеме да го направиме. Мислам дека е апсурд да носи назив Нова Југославија, бидејќи веќе никој не знае која е таа Нова Југославија, бидејќи во меѓувреме се сменија многу Југославии и сега не се знае која Југославија.“

Тој појаснува дека иницијативата е само еден поттик на локалната самоуправа да се сменат називите на улиците, но и да се именуваат таму каде што нема воспоставено уличен систем.

„Кога треба овие граѓани да извадат некои лични документи наидуваат на пречки. Факт е дека половина од жителите на селото Доброшане имаат лични карти на „Вера Которка“, на една адреса. Проблем е ако треба да добијат пошта, да повикаат медицинска помош или противпожарна екипа.“

Петковски додава и дека според неговите лични истражувања меѓу другото, никој не знае зошто една од улиците во Куманово се вика Драган Стопаревиќ. Тој вели дека ќе се залага во иднина називите на улиците или на некои објекти да се именуваат по географски или други поими, а не по имиња на луѓе, освен со мали исклучоци.

Како и да е, за кумановци називите на улиците се битни само административно. На пример, улиците „Моша Пијаде“ и „Иво Лола Рибар“,ги препознаваат како Проевски или Нагорички сокак.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG