По објавувањето на списокот со 136 институции на кои Владата им го измени името во согласност со Договорот од Преспа се поставува прашањето кои се критериумите според кои некои институции остануваат со придавката македонски, а кај некои се менува со национален. Пример се две институции на културата. Македонски народен театар останува Македонски народен театар, но Македонската филхармонија е Национална филхармонија.
“Македонски народен театар останува истo, заради тоа што има албански и турски театар, а МНТ се толкува како театар на македонскиот народ преку кој се зачувува и унапредува македонската историја, традиција, култура и нејзините особености, односно има етничко идентитетско значење”, објаснуваат од владата.
Слична е ситуацијата и со музејот кој во јавноста досега беше познат како музеј на ВМРО. Сега тој е Музеј на македонската борба за самостојност бидејќи како што објаснуваат од Владата, тој е културна институција преку која се зачувува и унапредува македонската историја, традиција, култура и нејзините особености и е со историско значење.
“Придавката македонски се употребува секогаш кога е поврзана со етнички и културен идентитет на народот, односно македонски етнички идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска територија, македонски народ, македонска историја...сите други употреби со северномакедонски се неправилни”, вели портпаролот на владата Миле Бошњаковски.
Видете и ова: „Македонски“ станува „Национален“ во имињата на државните институции: Национална опера и балет, Национална радио телевизија...Тој додава дека кај сите други институции, како на пример Македонската радио телевизија или Македонската информативна агенција придавката се менува со национална.
“Принципот на замена на придавката македонски, македонска е за оние институции кои што се од национален карактер, државен карактер и кај нив се менува со национален, национална”, вели Бошњаковски.
Се менуваат и имињата на институциите во кои се споменуваше Република Македонија, па сега ќе бидат со Република Северна Македонија како на пример претседател на Република Северна Македонија, или Народна банка на Република Северна Македонија. Централниот регистар ќе ги направи тие промени и ќе ги впише новите имиња, а Службата за општи и заеднички работи ќе им достави нови табли на институциите, објаснуваат од Владата.
Бошњаковски додаде и дека за Македонската академија на науки и уметности за која се уште нема објавено промена на името, во тек се консултации со академиците по што ќе се излезе со решение. Владиниот портпарол повтори и дека химната нема да се менува, а исто така и имињата на градовите Македонски Брод и Македонска Каменица.