Јакимовска Родиќ: Дволичноста ни е дадена како и хуманоста!

„Дволична“ е насловена графичката инсталација на Светлана Јакимовска Родиќ што од 28 февруари до 6 март се одвива во „Мала галерија - Сули ан“ при ФЛУ во Скопје. Проектот на македонската уметничка која живее и работи во Љубљана е инспириран од природна несреќа во 2014 година.

„Дволична“ е збор што се пишува еднакво и на македонски и на словенечки јазик. „Дволична“ е затоа што тие мои монотипи, отпечатоци на кори од дрво имаат две лица. Нема ниту предна ниту задна страна, туку лице што гледаш и лице што не го гледаш. Целиот концепт, целиот контекст околу таа приказна е врзан со еколошката свест. Со улогата на човекот застанат на крстопат помеѓу природата и културата.

Вака Светлана Јакимовска Родиќ, македонската уметничка која подолго време живее и работи во Словенија, ќе ја започне сторијата за својата графичката инсталација „Дволична“, што од 28 февруари до 6 март се одвива во „Мала галерија - Сули ан“ при Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Инаку, ова е само второ нејзино претставување во татковината иако станува збор за искусна авторка со меѓународна присутност.

Светлана Јакимовска дипломирала на ФЛУ во Скопје 1990 година во класата на проф. Димитар Малиданов. Постдипломски студии завршила во Љубљана кај Лојзе Логар, а од 1994 година е член на Сојузот на друштвото на словенечките ликовни уметници (ЗДСЛУ). Добитник е на наградата „Моше Пијаде“ на првото меѓународно триенале во Битола.

Освен во Словенија со своите дела се претставувала во Германија, Австрија, Италија, Полска, Црна Гора и Македонија, а згора на тоа учествувала и на повеќе меѓународни резиденции во Европа.

И, кога ова е познато треба да се спомене и тоа дека изложбата „Дволична“ претставува дел од проектот „Произведено во шума“,(„Made in Forest“). Притоа особено е важно да се нагласи дека за потребите на поставката директно се печатени монотипи на кори од дрво. Тие го претставуваат основниот конститутивен елемент на инсталацијата. Проектот е инспириран од природната несреќа во 2014 година, кога ледениот дожд предизвикал наезда од инсекти-штетници (Bark beetles) во шумите во Словенија.

Инаку, во каталогот за проектот ќе биде забележано и тоа дека по годините на зголемени температури и суша во планините како резултат на глобалното затоплување, наездата го предизвикала сечењето на цели шуми. Паднатите дрвја и нивните гравирани кори, авторката ги користи како графички клишеа и ги печати во ленти графичка хартија. Со нивната натамошна манипулација ја гради мрежата на графичката инсталација.

Инаку, овој експериментален проект, според проф. Ладислав Цветковски, го подразбира проширувањето на поимот графички медиум. Еманацијата на проектот престатавува важен пресек на релацијата помеѓу природата и културата која ја рефлектира човековата еколошка свест.

„Ние сме застанати како на врвот на целата таа хиерархија и ги гледаме работите од птичја перспектива, а сите знаеме дека животот е многу комплициран. Оти природата е многу комплицирана, а сакаме да ги гледаме работите многу црно и бело, без многу нијанси и поедноставено. Како да немаат длабочина, а всушност имаат слоеви и слоеви. Не само историја, туку и комплицирани меѓусебни односи“, вели Јакимовска Родиќ.

Говорејќи за проектот таа истакнува дека не станува збор за некој нејзин личен, сензитивен, еколошки бунт, туку дека веќе говориме на ниво на факти.

„Тоа се факти. Факти дека ситуацијата е таква каква што е. Алармантна. Тоа не се веќе работи за кои треба да дискутираме, па едните велат вака, а другите онака...па некако не знаеме. Сите деца што имаат „паметни телефони“, веќе слушнале, прочитале дека минатата година во болниците во Европа откриле случаеви каде луѓето во своите тела внесуваат микро влакна од пластика. Тоа значи оти тој циклус на загадување на природата засилено се враќа. Доаѓа назад. И сега ние стануваме конзументи на нашите грешки“, смета Светлана.

Коментирајќи ја еколошката свест во двете земји, уметничката и просветен работник Јакимовска Родиќ знае да каже дека за Словенија на „прв поглед ќе кажете дека е совршено чиста, но оти стои и фактот дека населението му подлегнало и дозволило да биде заробено од консумеризмот“.

Дека секоја фамилија во Словенија е свесна колку пластика употребува секојдневно. Зема и фрла. Вели оти е прашање во која корпа ќе го фрлиш. Во онаа за пластика или за стакло или можеби на улица како во Македонија.

„Процентот на пластика што се конзумира во Словенија претпоставувам дека е уште поголем од оној во Македонија. И таа свест кај Словенците доаѓа, но како и секаде во светот и тие знаат да кажат „ама ние не сме криви за тоа...некој друг е крив и тој треба да преземе нешто да го среди тоа“. Некој друг е крив што ни го наметна тоа. Сите во моментот кога ни станува многу тешко сме способни својот интегритет да си го зачуваме. Затоа автоматски почнуваме да ги обвинуваме другите. Другите се криви што е така. Свесно сме дволични. Таа дволичност ни е дадена како што ни е дадена и хуманоста. Емпатијата. Затоа кога го избирав насловот на инсталацијата намерно не сакав да ставам некој друг или неутрален термин. Затоа на плакатот најнапред горе пишува „Дволичност“ и веднаш под него Светлана Јакимовска Родиќ. Првата мисла на човек може да му биде – аха Светлана е дволична. Да. Затоа што и јас повторно ги користам, отпечатувам некои траги на туѓ живот. На дрвата. Она што им се случува ним. И тоа го користам за некој свој уметнички проект. Користам „нечии“ други траги. Полека станувам свесна дека и јас сум дел од самиот проблем“, ќе рече уметничката.

Истакнува дека уметникот секогаш бил ангажиран. Секогаш размислувал за своето место под сонцето, за околината која го опкружува, за општеството. И секогаш тоа влијаело на она што тој го работи во зависност од дадениот историски контекст.

„Никој не работи, не создава, не креира на некоја ново откриена, осамена планета. На Марс. Не е таму сам и не размислува за празни, апстрактни ситуации. Сите сме потопени во некој момент, во некој комплексен момент и реагираме така како што реагираме“, вели таа.

Прашана дали успева некако да ги одржува врските со ликовната сцена во родната Македонија, Светлана со појаснување дека интернетот не е само за да се дреме на Фејзбук, на Инстаграм и на другите социјални мрежи туку дека тоа е добра алатка за да видиш што се случува кај другите. Оти преку Интернет знае што работат некои нејзини колеги и познаници во Македонија. Вели дека ги следи и другите, всушност само оние што објавуваат работи на интернет, И сето тоа го заокружува кога си доаѓа дома во Куманово, а тоа се случува барем еднаш годишно.

„Мора да се следи она што го работат другите, за да видиш каде си се позиционирал самиот. Како размислуваш. Каде би требало утре да тргнеш. Да оствариш прогрес иако јас лично воопшто не го сакам тој збор „прогрес“. Напредок. А не го сакам тој збор затоа што е премногу линеарен и премногу едно димензионален. Ние сме комплицирани суштества“, заклучува Јакимовска Родиќ.

Кон ова само уште информацијата дека годинава таа е поканета проектот „Произведено во шума“ ( или „Made in Forest“) да го претстави галеријата „Божидар Јакац“ која е сместена во еден католички самостан во Костањевица на Крка. Таму покрај сталните поставки, како што вели, има простор и за нови и во тој летен период ќе се одвива и колонијата „Форма Вива“ каде вајари од целиот свет работат со дрво.