На отворањето на Конгресот, кој се одржува во хотелот Александар Палас, обраќање ќе има премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев, како и избраниот кандидат Пендаровски.
Според информациите, работниот дел ќе биде затворен за јавноста, а се предвидува повторно да биде отворен со обраќање на избраниот кандидат за претстојните претседателски избри.
Стево Пендаровски оваа недела доби поддршка да биде заеднички претседателски кандидат на 31 политичка партија од коалицијата предводена од СДСМ.
Заев ваквата одлука ја оцени како историска, бидејќи како што рече, за прв пат различни партии застануваат зад еден кандидат.
Стево Пендаровски, пак, изјави дека е чест што е поддржан од претставници на сите етнички заедници, но и од граѓани кои не се членови на политички партии.
Една од опциите на Конгресот на СДСМ е партиското раководство да му предложи на Конгресот да го избере Пендаровски и делегатите да се согласат со тоа, опција во која нема да се гласа за другите кандидати.
Втората можност е Конгресот да не го прифати такавиот предлог и во тој случај ќе треба да се одлучува и меѓу другите кандидати кои се самопријавија или се пријавени од општинските ограноци на партијата.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера изјави дека зад изборот на Пендаровски стои Заев, односно дека премиерот „на деспотски начин го одбра кандидатот.“
„Пред јавноста правеше реално шоу, некакви конкурси, но на крај пресече деспотот, го донесе својот поданик“, иајави Мицкоски.
Пендаровски беше кандидат за претседател на изборите во 2014 година, кога загуби од актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов кој освои околу 130 илјади гласови повеќе.
Премиерот Зоран Заев тогаш како опозициски лидер веднаш по затворањето на избирачките места изјави дека не го признаваат изборниот процес поради малверзации, измами и притисоци и побара техничка влада.
Во трката за претседател ќе учествува и професорката Гордана Силјановска – Давкова, која е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
На претседателските избори во април ќе се обидат да учествуваат и поранешниот директор на Државниот архив Фили Петровски и поранешниот амбасадор Блерим Река кој ќе биде подджан од Алијанса за Албанците и од БЕСА, додека пратеникот Амди Бајрам изјави дека ќе ја повлече кандидатурата и ќе му даде поддршка на Пендаровски. Рокот за собирање на потребните 10 илјади потписи е до 9 март.
Кандидатите до Државната изборна комисија треба да ги поднесат кандидатурите најдоцна до 21 март, а изборната кампања треба да почне на први април.