Медиуми - Името на кандидатот, непотизам и пратенички имунитет

Медиумите јавуваат дека владејачката коалиција договори заеднички кандидат за претседател. Пишуваат и за секојдневните случаи на непотизам при вработување во администрација и за неизгласувањето на одземање на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељаноски обвинет за 27 април.

Слободен печат на насловната: „СДСМ и ДУИ во досега најголема отворена криза – Ахмети во позиција да замине во опозиција?“ – дознава весникот, но се чини дека двајцата лидери на овие партии решиле барем претседателските да ги истераат заедно. Па така сите портали на печатените медиуми објавија: „Ахмети и Заев договориле заеднички кандидат за претседател“ – како што ја насловува веста Нова Македонија со цитирање на Али Ахмети по едночасовниот состанок со Зоран Заев. И Вечер го објавува истото: „Али Ахмети: Постигнавме договор, ќе одиме со заеднички кандидат на претседателските избори“. Слободен печат во истата информација додава дека в петок ќе се знае името на кандидатот на коалицијата на власт.

Вечер со неколку наслови информира за разговорот на Христијан Мицкоски за 1ТВ. Покрај другото: „Нема да бојкотираме, СДСМ и ДУИ имаат заеднички кандидат за да го намалат поразот на изборите“.

Независен открива: „Предизборни унапредувања во Армијата. Иванов си го праќа аѓутантот во НАТО“. Независен наведува и дека во екот на предизборието, иако тоа е забрането со новиот Закон за спречување на корупција, Иванов донел одлуки за уште неколку кадровски прераспределувања во ГШ на АРМ. Порталот на Вечер ги објави наводите од СДСМ за семејни вработувања во Кабинетот на Иванов, веројатно како одговор на секојдневните објави на ВМРО-ДПМНЕ за непотизам од страна на СДСМ при вработувањата во државните и јавните институции: „Партизацијата и злоупотребата на државните институции се симбол на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кои донесоа пандемија на непотизам. Вработената во кабинетот на Иванов и нејзината ќерка во Агенцијата за разузнавање, уште една потврда за непотизмот“.

Печатените медиуми ја следат и разврската на случајот со неизгласувањето на одземање на пратеничкиот имунитет на еден од осомничените за организирање на настаните на 27 април, поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Нова Македонија уште во насловот објаснува: „Талат Џафери го известил Судот дека не биле создадени услови за симнување на имунитетот на Вељаноски“. Истата вест ја објавува и електронското издание на Вечер.

Печатените медиуми ја следат и аферата со физичкиот напад врз поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, притворените Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во затворот во Шутка: „Пропусти направиле и чувари и раководители – засега за 11 лица од затворот во Шутка се утврдени пропусти во постапувањето и се поведени дисциплински постапки“ – објави Нова Македонија. Вечер го објавува соопштението од СДСМ во кое се вели дека „пропадна обидот на Мицкоски и Груевски преку насилничко сценарио да ја дефокусираат јавноста од фактот дека токму врвот на ВМРО-ДПМНЕ е главниот осомничен за организирање на насилствата на крвавиот 27 април“. Независен оди со наслов: „Во затворот во Шутка не владеел ред ниту на табла“.

Истиот весник потсетува: „Две недели по автобуската несреќа: Патниците сведочат, виновник нема“.

И како за крај, една смирувачка вест што ја читаме на порталот на Независен: Заменик-министерот за здравство, Асим Муса, одговарајќи на пратеничко прашање изјави: „Нема зголемување на бројот на заболени од морбили. Останува во сила забраната за прием на невакцинирани деца во градинките за да се спречи натамошно ширење на заразата“.