Гордана Силјановска Давкова - претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

Седиштето на ВМРО ДПМНЕ

Професорка на Правниот факултет, Гордана Силјановска Давкова е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори. Таа беше избрана со 408 гласа „за“ од 519 делгати кои гласаа на конвенцијата на опозициската партија во Струга.

ВМРО-ДПМНЕ на денешната конвенција во Струга ја избра Гордана Силјановска Давкова за претседателски кандидат на партијата на престојните избори. Од 519 делегати, 408 гласаа за кандидатурата на Силјановска Давкова.

Таа во својот говор на конвенцијата порача дека со партијата во неколку наврати им се споиле мислењата, поради што одлучила како независен кандидат да бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа што сум денеска тука го покажува реформскиот и демократски капацитет на ВМРО-ДПМНЕ да отвори порта на еден натпартиски кандидат. Не е доволно само да се нарекувате реформска партија, туку треба да посегате по истите. Во 2001 година ни се вкрстија патиштатасо ВМРО-ДПМНЕ, потоа во Струга во 2004, потоа за Преспанскиот договор и на крај за Законот за јазици“, рече Силјановска.

Таа најави дека ќе формира експертски тим на домашни и странски професори по меѓународно јавно право.

„Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено. Пред меѓународните судови и институции“, нагласи Силјановска.

Освен Силјановска Давкова, која е професорка на Правниот факултет аа огласот на партијата се пријавија осум кандидати. Меѓу кандидатите беа пратеникот и правник Влатко Ѓорчев, професорот на Природно математичкиот факултет Никита Шекутковски, машинскиот инженер Ѓорѓи Манасков, фармацевтски техничар Васко Костов, професорот во пензија Илија Димовски, поранешниот директор на Архивот на Македонија Филип Петровски, поранешниот градоначалник на Виница и актуелен извршен директор на депонијата Дрисла Горан Ангелов и докторот по земјоделски науки Сашо Кутлешовски.

Од СДСМ претходно соопштија дека конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ е најобична фарса.

„Антизападниот Христијан Мицкоски сам го одбира неговиот кандидат или кандидатка. Денеска е само официјализацијата“, се наведува во соопштението на партијата.

Тоа, како што посочуваат од партијата, го потврдуваат и информациите објавени во дел од медиумите блиски до опозицијата, според кои, на конвенцијата е преполовен бројот на делегати кои се избрани лично од Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ повикот за кандидат за претседател го објави на четврти јануари, а рокот за пријавување заврши на крајот на минатиот месец. СДСМ кандидатот за претседател на Македонија ќе го утврди на трети март на партискиот конгрес.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги распиша претседателските избори. Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на петти мај.