Младински размени - клуч на обединување на младите на Балканот

Јовица Јанковиќ, ученик во четврта година во СУГС Георги Димитров

Младите се лекот, но истовремено и клучот за овој напатен регион да си ги тргне своите несогласувања настрана, и да почне да соработува во интерес на граѓаните во балканските земји, пишува средношколецот Јовица Јанковиќ во младинската онлајн колумна на Радио Сободна Европа.

Сите можеме со целосна сигурност да потврдиме дека регионот (Западен) Балкан има богата и разновидна историја, почнувајќи од Александар Македонски, Цар Душан па сè до поранешна Југославија, но токму поради оваа историја и благодарејќи на нашиот производ кој е наречен „Балкански менталитет“, овој регион наместо да напредува, повторно пронаоѓа начин да се држи до верувањето дека „Ние сме во оваа позиција од причина што бевме пет века под турско ропство, и сега Цацко ни е крив“. За жал денес сите соседи на Балканот се мразат од различни причини и повторно на некој начин се враќаме на менталитетот од пред сто години.

Но, сепак за наша среќа, се пронајде лекот за таа цела омраза и предрасуди кои си ги имаат создадено соседите помеѓу себе, а тоа е само преку младите. Младите се лекот, но истовремено и клучот за овој напатен регион да си ги тргне своите несогласувања настрана, и да почне да соработува во интерес на граѓаните во балканските земји. Има една поговорка која вели дека полесно е да изградиме силни деца, наместо да поправаме скршени мажи, со тоа што ако постарите, особено тие што го искусиле тој воен конфликт и тогашната меѓусебна омраза кој не смее да претставува проблем денес.

Денешните млади од регионов не учествувале во тие војни и не треба да ја прифаќаат сугестијата на одредени луѓе дека и ден денес мора да се мразат со другите народи со коишто се војувало пред до пред 20 години, па и самите млади наместо да го гаснат, го разгоруваат огнот. Ние живееме во општество каде што ако двете страни не соработуваат, нема да успеат. Изолационизмот повеќе не функционира како во Јапонија пред 200 години или Америка после 1915 година, а особено не може Балканот да биде во изолација во 2019 година.

Затоа младите единствено можат да се запознаат помеѓу себе, преку тоа што ќе патуваат и ќе искусат какви се луѓето кои се пораснати во друга околина, култура и менталитет. Затоа тука младинските размени се КРУЦИЈАЛНИ кога доаѓа до прекршување на предрасудите и стереотипите поставени од домашната околина. Денес во овој регион многу се вложува во невладиниот сектор, особено за да се креираат проекти каде што се овозможува за младите во регионот за речиси бесплатно да можат да искусат што навистина значи да се види нешто ново, и да се запознаат луѓе на кои првиот разговор нема да им започнува за македонската политика, за кој верувам дека на сите веќе ни е здосадено од истото, туку да се прошета овој убав регион кој нуди преубави туристички дестинации полни со љубезни луѓе, полни со историја и крв, само за денес ние да ја занемариме убавината и да се караме за глупост како на пример за тоа кој е најстариот народ во Европа или светот.

Јас ја имав можноста да присуствувам на младинска размена во Тирана од 9 до 12 октомври предводено од платформата на Западен Балкан младинска соработка (WBYCP) и јас бев многу возбуден дека ја имав оваа можност да ја посетам Тирана, град за кој во мојата земја има многу предрасуди. Оваа можност ми дозволи да направам сопствена проценка за целата ситуација, и да видам дали е навистина точно тоа што го имам замислено дома во Македонија, вклучувајќи ги и сите коментари околу мене, со чест на исклучоци. По моето вклучување во програмата почнав да им раскажувам на моите пријатели и семејството дека се здобив со можноста да ја посетам Тирана наскоро и како што се очекуваше, повеќето од нив навистина се плашеа и ме прашуваа: „Зошто навистина треба да одиш во Албанија, дали сакаш да настрадаш таму?“ Овие коментари само ме налутија, бидејќи јас не одам никаде каде што има граѓанска војна, јас едноставно одам во посета на град кој е околу пет часа оддалечен од моето живеалиште, особено што одам да го посетам главниот град на Албанија. Во моето семејство јас бев првиот кој ќе ја искусеше Тирана, и затоа никој не знаеше како изгледа местото или кои места се добри, единствено го знаев местото каде што ќе престојувам наредните три дена. Во моментот кога дојдов во Тирана, не можев да поверувам на очите колку е модерен и убав градот. Тука се сретнав со луѓе од програмата, кои беа од земјите кои се водат под ознаката Западен Балкан (Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија). Но, додека бевме во Тирана, ми се гледаше дека речиси сите учесници кои не беа од Албанија се плашеа, бидејќи сите имаа слично мислење за градот. Сепак, ова не траеше долго, затоа што по првиот ден, верував дека сите се премислиле за градот и брзо го засакаа, вклучувајќи ме и мене!

Иако јас сум бил на повеќе младински размени, ова искуство засекогаш ќе остане во моето сеќавање, и како голема лекција дека луѓето и регионот не се такви како што ни ги претставуваат возрасните или одредени медиуми, туку се навистина пријателски народи со кои и вековно сме се дружеле на овие простори и можеме и натаму наредните илјада години повторно заедно да живееме во мир и разбирање во цел регион и затоа треба да излеземе од нашите стари верувања и да имаме пофлексибилно гледиште и со одредена голема доза на критичност кога ќе ни се сервираат одредени предрасуди за нашите соседи.

Еден од нашите најголеми проблеми е дека ние, младите од Балканот не ги користиме доволно нашите можности за запознавање на овој убав регион во различна земја со луѓе кои имаат различни искуства. Иако пред неколку години немавме таа можност, ферски е да се каже дека денес сите ја имаат таа можност да учествуваат во програмите за размена на млади луѓе во регионот. Со користење на овие можности што се предвидени од страна на невладини организации и Еразмус, младите од регионот можат да се поврзат и колективно да ги искоренат корените од Балканскиот менталитет. Преку ваквите искуства ние младите можеме да ги отфрлиме предрасудите и тешкото минато позади нас, и да вложиме љубов и труд кон соработка која ќе придонесе за подобра иднина на сите во овој регион!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.