Грција утре ќе го ратификува протоколот за членство во НАТО со што земјава и официјално станува Република Северна Македонија. Уставните амандмани стапуваат во сила, а со тоа и веднаш почнуваат обврските на Владата.
Непосредно по ратификувањето во грчкиот Парламент, Владата со писмо ќе ги извести сите меѓународни организации и форуми и земји членки на Обединетите нации дека Република Македонија од тој момент е Република Северна Македонија. Новото име ќе се побара да го употребуваат и повеќе од 130 земји кои ја признаа државата под досегашното уставно име, па така ако се остварат најавите на првиот човек на грчкиот парламент Никос Вуцис, уште од утре секаде и сите ќе треба да и се обраќаат на земјава со новото име.
На другите обврски што произлегуваат внатре во државата веднаш ќе започне да работи меѓуресорска група. Во неа се генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, државните секретари во шест министерства, шефот на канцеларијата на премиерот, двајца негови советници и директорот на Службата за општи и заеднички работи.
Во рок од седум дена откако ќе помине договорот во грчкиот парламент оваа група треба да се сретне и да изготви национален акциски план за извршување на обврските од Договорот, а потоа ќе треба да го следи и нивното спроведување.
Ќе се менуваат таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите. Договорот од Преспа не придвидува конкретни рокови за преземање на активности внатре, туку, се наведува дека „по влегувањето во сила на спогодбата, веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе се преземат сите неопходни мерки за надлежните органи на земјата од тогаш понатаму внатрешно да го употребуваат новото име и термините.“
„Нема конкретни рокови, но почнуваме веднаш и тоа што може да се заврши за брзо време ќе се заврши”, велат од Владата.
Со уставните амандмани кои стапуваат во сила веројатно утре покрај промената на името, се менуваат и други работи. Во преамбулата на Уставот место одлуките на АСНОМ се споменува Прогласот на АСНОМ, се внесува и Охридскиот рамковен договор, се менува делот во однос на грижата на Република Северна Македонија кон дијаспората, а државјанството се предвидува да биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ во сите патни документи.