Миле Ѓорѓијоски - Сатирата е најдобар лек за општеството

Миле Ѓорѓијоски, сатиричар

Едно општество во кое нема сатира, не е здраво општество, знае да каже македонскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски, кој неодамна ја доби наградата ЕКСЕЛЕНЦИЈА САТИРА за странски сатиричар која ја доделува Друштвото на писатели на соседна Србија.

Сатиричарот Миле Ѓорѓијоски не крие дека е пресреќен што после четири децении макотрпна работа во сатирата дошол до едно вакво признание какво што е наградата ЕКСЕЛЕНЦИЈА САТИРА која, во чест на славниот Радоје Домановиќ, ја доделува Друштвото на писатели на Србија чиј член е и самиот. Дополнува дека оваа награда како и наградата „Златен круг“ која се доделува за посебен придонес во развојот на сатирата во светот навистина многу му значат, иако тој зад себе има доста награди – повеќе во странство отколку дома во Македонија. Дека победувал на разноразни фестивали и дека е носител и на наградата на 25 години од нашиот најстар фестивал „Ин Виница веритас“, потем онаа насловена „Најдоброто од Истокот во сатирата“ на Здружението на новинарите на Македонија...и така со ред.

Сепак, како што нагласува ЕКСЕЛЕНЦИЈА САТИРА и „Златниот круг“ и не само за него, туку и за многу актуелни сатиричари се врвот што еден автор може да го достигне како признание за својата работа во сатирата.

„Со секоја завршена книга, со секој завршен афоризам, хумореска, комедија...авторот е повторно на почетокот и со секој нов афоризам треба одново да се докажува дека е тој „тој“ автор, дека има некој кредибилитет, дека може, умее, знае, пишува ...Секако дека и награди од овој тип, како што се ЕКСЕЛЕНЦИЈА САТИРА и „Златниот круг“ , се награди кои ти ја исполнуваат душата, но и те тераат да работиш уште понапорно. Да се докажуваш во работата, да си по пребирлив со она што ќе го понудиш како книга, со она што ќе го пласираш на некој сајт, некој портал, во некои весници. Сепак наградите од овој тип обврзуваат, го обврзуваат човек да држи некое ниво. Кога зборувам да држи некое ниво мислам пред сè во однос на квалитетот на она што ќе го понуди пред читателската публика“, вели Ѓорѓијоски.

Миле Ѓорѓијоски

Прашан за тоа зошто тој и мнозина негови колеги се поприсутни во регионот отколку дома, Миле со појаснување дека долго време во светот на сатирата важи уверувањето дека Балканот е епицентар на светската сатира, а дека се она најдоброто што се случува се случува во соседството. Односно во Србија. Дека токму Србија е перјаница на светската сатира.

Од друга страна, како што истакнува, во нашата држава долги години, особено по осамостојувањето, не само што останавме без единствениот весник за хумор и сатира „Остен“, туку и весниците колку и да се и какви и да се, како впрочем и во годините пред тоа, речиси и да се „херметички затворени за сатиричарите“. За афоризмот, скечот, хумореската или за сатиричниот коментар.

Дополнува дека самиот долги години, односно се додека не се затвори, работел со „Утрински весник“ и дека од тоа произлегла неговата книга „Утрински афоризми“.

„Едно општество во кое нема сатира, сигурно дека не е здраво општество. Тоа е болно општество. Сатирата е најдобар лек за општеството. Но се случува тоа што се случува. И ако зборуваме и ги бараме виновниците, еве тука се весниците кои се сопственост на некој и тие не даваат простор за хумор и сатира. Одреден уредник или сопственик веројатно смета дека тоа не би било рентабилно за нив. Не би привлекло читатели. А, државата е посебна приказна. Скоро и да не знам, скоро и да не паметам, дека на овие конкурси за издаваштво или за одредени манифестации некогаш Министерството наше да финансирало некој проект за хумор и сатира. Или, ако е така тогаш она што го дало било толку симболично што е понижувачки. Ете јас лани на Конкурсот на Министерството за култура имав еден одобрен проект кој требаше да се реализира во три града, се викаше „Ин сатира веритас“, со едукативни часови, со настапи, со вечери на афоризми ...За сето тоа ми беше доделена толку смешна сума пари за што јас за да го реализирам тој проект, под услов ако најдам спонзори или евентуално со сопствени пари, требаше да вложам 10 пати повеќе“, смета Ѓорѓијоски.

Сатиричарот нагласува дека и за Фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ државата исто така издвојува повеќе од симболична сума и дека тие како организатори работите ги „крпат“ и ги туркаат нештата со помош на спонзорите. Дека успеваат некако да го одржат Фестивалот и дури да се бават со издавачка дејност којашто подразбира објавување на дури четири книги. Четири Алманаси на афоризми, а сега во моментов во фокусот на интересирање се со „Трагачи на парадокси“ , книга во која се застапени 28 најпознати сатиричари од Балканот. Оваа книга по премиерното претставување во Виница, беше промовирана на Саемот на книга во Белград, потем во Македонска Каменица и во Пехчево, а в сабота, на 9 февруари, во 13 часот ќе биде промовирана во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Притоа, како што вели, гостин на овој чин планираат да биде Александар Шотриќ од Србија, еден од најголемите афористичари во светот и рецензент на книгата.

​На прашањето, пак, дали за сатирата ќе дојдат подобри времиња кај нас, Ѓорѓиоски истакнува дека не е песимист туку реалист, но дека тоа тешко може да се случи.

„Тешко дека во догледно време ќе дојдат подобри времиња за сатирата во Македонија. Прво и она малкуте весници што ги имаме и натаму ќе останат затворени за нас сатиричарите. Потоа ние немаме доволно средства, иако станува збор за мала сума, за да го обновиме излагањето на единственото списание за хумор и сатира кај нас „Остен“ или можеби да направиме некој друг весник за хумор и сатира. Така останува „Без навреда“ на Панде Димитровски од Битола како единствен весник кадешто нашите сатиричари можат да објават. Да имаат документ дека објавиле. За сајтовите и порталите не би сакал да зборувам оти таму нема никаква уредувачка политика, никаква контрола, и се што ќе му падне некому на памет може да објави. Вака останува да се надеваме дека нешто ќе се придвижи. Дека ете ќе дојдат подобри времиња за сатирата и дека нема да бидат најголеми хумористи нашите пратеници, нашите политичари туку некои други професионалци“, вели Ѓорѓијоски.

Роден 1957 година во Кичево, Миле Ѓорѓијоски зад себе како творештво има повеќе книги со афоризми како „Пет до дванаесет“, „Откоси“, „Нешто друго“, „Строго недоверливо“, „Низ иглени уши“, „Никој не сака да биде плашило“ и други. Потписник е на збирката сатирични приказни „Тоа е тоа“, комедиите „РингИшил“, „Повеќепартиска кафеана“, „Некоректен мртовец“, „Нешто мрда“, „Трета светска војна“...детската драма „Ах, тие бројки“...и оснивач е, раководител, драматург и режисер во Експериментално театарче во Делчево кадешто живее и работи.

Преведуван е на повеќе јазици, член е на Друштвото на писатели на Србија, Белградскиот афористичарски клуб, Куќа на култура „Наџи Лиман“ во Либан, Здружението на новинари на Македонија и многупати наградуван во земјава и во странство. Покрај споменатите награди, двапати бил добитник на Златна чивија за афоризам во 2013 и 2018 година, Хумореска на годината од белградскиот Јежев хумор, потем по неколку пати златна, сребрена и бронзена плакета за еротски афоризми и други признанија.

Конечно, тој учествувал и во подготовките на повеќе книги и изданија како „Делчевски насмевки“, „Струмичка афоризница“, „Време е за тројка“, „Во сатирата е вистината“, „Балканска трансферзала“, „Будење на петелот (илустрирани еротски афоризми)“ ...