Што сработеле кумановските советници?

Архивска фотографија - Совет на Општина Куманово

Опозицискиот советник Зоран Петрушевски наведува дека од шест посочени области во четири ништо не било сработено, или пак немало ниту програма за работа. Атина Мургашанска претседателка на Советот во голем дел од забелешките на опозицијата се согласува, но вели дека овој состав е еден од најуспешните во државава.

Кумановските општински советници од опозицискиот политички блок со своите забелешки и предлози за работа на службите во локалната самоуправа во интерес на граѓаните не се непријатели, туку се залагаат за доброто за сите, смета опозицискиот советник Зоран Петрушевски, по изнесената анализа за неизвршените задачи на општинските служби. Според него извештајот за работа на Општината Куманово за минатата година покажува успеси, но неминовно е во тековната година да се извршат исправки и да се реализираат активности од круцијално значење за граѓаните.

Атина Мургашанска претседателка на Советот во голем дел од забелешките на опозицијата се согласува, со напомена дека овој советнички состав е еден од најуспешните во државава, а и со сосема поинаков имиџ од претходните.

Петрушевски кој е еден од најактивните советници од опозицијата и кој најчесто доаѓа во вербален конфликт со неговите колеги од владејачката коалиција на СДСМ, како и еден од оние со најдолг советнички стаж, од шест области издвојува четири во кои ништо не било сработено, или пак немало ниту програма за работа. Тој забележува дека немало програма за работа на Секторот за култура, за управување со отпад, мистерија е работата на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, за работа на инспекциските служби, за акционен план за енергетска ефикасност, локален еколошки план, за справување со уличните кучиња.

„Нешто сме работеле, нешто сме глумеле, но излегува дека не сме имале ниту програма. Пред извесно време прашав ги нашите инспекциски органи - како се справуваме со отпади од бела техника, ми кажаа дека има некои пунктови, но дали граѓаните се информирани или не, округло па на ќоше, а излегува дека ние ни програма не сме имале, а во програма се предвидуваат тие работи“, вели Петрушевски.

Тој рече дека ништо не е преземено ниту за оградување на тротоарите, кои постојано се узурпирани од несовесните возачи, а за Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции нагласува дека немало ниту програма.

„Таму има луѓе, сектори, тие земаат плати по 50-60 илјади денари, по колку земаат не знам, наводно меѓународна соработка, а ние тука немаме појма што тие таму работат, затоа што ниту сме провериле, ниту сме им дале задача што да работат“, вели тој.

Петрушевски смета дека согласно несработеното во минатата 2018-та година, таа поминала во магливи состојби.

Мургашанска вели дека според документацијата на сработеното не може да се рече дека извештајот за работа е неуспешен.

„Меѓутоа, ве уверувам дека освен една или две програми, сите други се стратешки документи, четиригодишни, петгодишни за кои во најбрз можен рок ќе работиме заеднички, со службите, со другите чинители, граѓаните, бизнис заедницата, невладиниот сектор со цел да направиме квалитетни повеќегодишни стратешки документи.“

Петрушевски пак, порача дека сите тие институции и служби кои граѓаните ги плаќаат треба да си ја извршуваат својата работа.

„Тоа е смислата на оваа моја анализа на несработените работи, а сработените си стојат.“

Инаку, советниците од двата блока се согласуваат дека на некоја од наредните седници треба да се расправа за одземените ингеренции на градоначалникот од Министерството за труд и социјална политика за назначување директор на кумановската градинка „Ангел Шајче“.

Советниците ја усвоиле програмата за работа на Советот за наредната година, а според Мургашанска овој е еден од деветте совети во РМ со успешна апликација за проектот „Јакнење на општински совети“, со што Кумановоќе добие и грант од 62 илјади долари од УНДП наменети за јакнење на општинските совети и улогата на советниците во комуналното уредување, урбанизмот, културата.