Со џекче и мрежен кабел во една голема просторија поделена со параван на четвртиот кат во Управата за безбедност и контраразузнавање „свиркачот“ Ѓорѓи Лазаревски ги поврзал системот за следење на комуникациите со еден од неговите компјутери со кои работел системот за интегрирана гранична контрола, но при тоа не наштетувајќи му на системот за гранична контрола. Вака денеска во судот го објасни начинот на кој пристапувал до системите за следење на комуникациите, одговарајќи на прашањата на одбраната во предметот на СЈО, Таргет-Тврдина. Одбраната побара од сведокот да нацрта и скица за да покаже дека не е можно сведокот на таков начин да се поврзе со системот. Обвинетиот поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков,честопати го преземаше испрашувањето во свои раце, кое го водеше неговиот адвокат Љупчо Шврговски.
Видете и ова: Што направија „Чарлиевите ангели“ од СЈО досега?„Јас вам не ви верувам“, му рече Мијалков на Лазаревски откако доби негативен одговор на неколкуте прашања за тоа зошто кај себе сега нема материјален доказ за неговиот пристап и логовите кои ги ископирал од системите за следење.
„Зошто сте ги уништиле оригиналите“, праша Мијалков.
„Доказите веќе беа изнесени од МВР. Влегувајќи во комплетна неизвесност што ме очекуваше, ги избришав, со оглед на тоа дека веќе беа предадени на Зоран Верушевски“, објасни Лазаревски.
Мијалков бараше од сведокот во детали да опише како дознал дека нелегално се прислушува, како ги симнувал материјалите, како се приклучил во системот за прислушување, кој кабел го земал, каде го вклучил и низа слични прашања по што едно од прашањата за тоа дали кабелот висел или бил послан на земја предизвика смеа.
Во одредени моменти неколкучасовното испрашување стануваше тензично по што судијата Владимир Туфегчиќ повикуваше на смирување, и одредуваше кратки паузи. По една од таквите паузи,Мијалков се врати во судот придружуван од полицијата која го спроведува од куќниот притвор и неколкумина телохранители.
Мијалков во Судот бараше да се нотира дека исказот на Лазаревски е контрадикторен во делот каде што се посочува до кога точно бил функционален стариот „Верид“ систем за следење.
Видете и ова: Измени во кривичен законик - половина постапки на СЈО во вода„Веројатно знаете кога сте влегле во системот за да вадите податоци“, му рече Мијалков по што Лазаревски директно му се обрати.
„Вам ви е јасно дека системот може да биде вклучен во струја и да се вадат податоци од него и без да биде приклучен на некој од телефонските оператори“, изјави свиркачот Лазаревски, по што доби и брз одговор Мијалков.
„Јас не сум должен да знам такво нешто“.
Лазаревски во Оперативниот систем за следење на комуникации „Верид“ прв пат влегол во 2008-мата година со корисничкото име и лозинка кои ги имал со години претходно откако бил поставен стариот систем и кои не биле сменети со доаѓањето на новата власт во 2006-тата година. Тој во судот посочи дека две години живеел со сознанието дека системот се злоупотребува, по што во 2010 година неговиот колега, кој во претходниот систем му бил подреден, Звонко Костовски, му рекол дека нелегално се прислушуваат сите министри.
„Ми рече - нема некој што не е прислушуван. Тогаш го замолив во 2010 да собира докази“, рече Лазаревски во денешното сведочење пред Суд.
Тој одговарајќи на прашањата на одбраната посочи дека по сознанијата што ги добил заедно со неговиот колега Звонко Костовски барале начин како да пристапат во вториот систем „Наис“ каде што биле следени нелегално комуникациите. Додаде дека конкретно биле поделени легалните од нелегалните прислушувани разговори.
„Ние се обидуваме да го пробиеме новиот систем и да најдеме техничко решение за да можеме да вадиме податоци со тоа што овој пат вадевме аудио. Селекцијата на податоците ја правеше Звонко Костовски“, рече Лазаревски.
Денеска Сашо Мијалков и неговиот адвокат Љупчо Шврговски го испрашуваат Лазаревски, кој е сведок на СЈО.
Видете и ова: Како да се исчисти УБК од политички и бизнис интереси?Одбраната во вкрстено испрашување инсистира на опис за начинот на кој сведокот ги презел прислушуваните разговори.
Пристап до системите за следење, според сведочењето на Лазаревски, имале околу 20 луѓе, а во системот како посебен лог бил заведен Директор, односно поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, вработениот во УБК Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени над четири илјади телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби