Битолските ученици може да останат без школски превоз

Автобуси за превоз на ученици во Битола.

Во тек е тендерска постапка за избор на превозни фирми кои ќе вршат превоз на ученици. Од опозицијата обвинуваат дека по 18 февруари учениците може да останат без превоз. Дел од учениците од околните села не одат на училиште поради нерешениот проблем.

Со почетокот на второто полугодие, повторно на седница на Совет се актуелизираа темата со бесплатниот школски превоз. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека прашање е дали по 18 февруари ќе има линиски превоз и обвинија дека до крајот на март учениците ќе бидат без бесплатен превоз. Од локалното мнозинство предводено од СДСМ возвратија дека експертска група работеше за решавање на проблемот, па во тек е тендерска постапка и дека во почетокот на февруари ќе има склучени договори со превозни фирми.

„Во делот на линискиот превоз отказниот рок на постоечките договори со превозниците е во тек. И последниот важечки договор е до 18 февруари. Веќе имаше отворен јавен повик во Општина Битола со краен рок за отворање на понудите на 25 јануари, а сега продолжен е рокот до 31 јануари. Имајќи во предвид дека 45 дена ќе бидат потребни за разгледување на документацијата носење на одлука за избор, постапување по жалба, склучување на договори, правосилност, па дури потоа склучување на договори со училиштата, прашањето е дали после 18 февруари ќе имаме линиски превоз во Битола и за учениците“, обвини Иванчо Тошевски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Тој рече дека не е решен проблемот со училишниот превоз до населените места околу Битола како што е Буково, Лавци, сите подпелистерски села, соседните општини Новаци, Демир Хисар, Крушево, па дел од учениците не одат на училиште.

„За сите овие училишта отворен е постапка за јавна набавка на 24.01 2019 година со краен рок за поднесување на понудите до 13.02 што е повеќе од сигурно дека до крајот на март ќе нема превоз за учениците“, рече Тошевски. Тој уште праша зошто училиштата не ги плаќаат обврските кон превозниците од септември до денес, за што се закажани и судски рочишта?

Методија Илиевски, координатор на советниците од СДСМ и коалицијата изјави дека во моментот има тендерска постапка чиј краен епилог ќе биде за скоро и ќе донесе дефинитивно решавање на проблемот со превозот во Битола.

„Дел од изнесените обвинувања се вистини, а дел се само шпекулации. Не можам да кажам дека има проблем, туку има некаква ситуација во која има потешкотии во функционирањето на превозот со ученици и патници во општина Битола. Како што кажав во изминатиот период експертска група работеше на тој проблем. Донесовме ние неколку одлуки на седници на Совет со цел забрзано да се реши превозот со патници и ученици во нашиот град. Моментално трае тендерска постапка која за брзо треба да има епилог кои превозници ќе ги заземат кои линии и на кој начин дефинитивно ќе биде решен превозот во нашиот град. До крајот на овој месец и почетокот на февруари ќе ги имаме склучените договори“, рече Илиевски.

Од Општина Битола соопштија дека ќе го субвенционираат превозот до руралните средини со што ќе овозможат поголема достапност на овие населени места до градот Битола.

„Се очекува со предлогот за субвенционирање превозниците да имаат поголем интерес и да возат во текот на целата година, а не само во текот на учебната година. На седница на Советот на Општина Битола е донесена одлука субвенционирањето да биде 7 денари по изминат километар, а километрите до руралните средини дополнително ќе се утврдуваат. До 31 јануари трае Јавниот повик за поднесување на понуди за доделување на пакет линии за вршење на општински линиски превоз на патници во Општина Битола и субвенционирање на линиите до руралните средини. Јавното отворање на понудите ќе се одржи на 01.02.2019 година“, соопштија од Општина Битола.