ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени избори заедно со претседателските и сто дена техничка влада пред нив. СДСМ, пак, како што неофицијално брифираат извори од партија, ако се оди на предвремени парламентарни избори, инсистираат на скратени рокови, односно техничка влада 60 дена пред изборите. И министерката за одбрана Радмила Шекеринска повикувајќи се на Уставот и законите пред неколку месеци ги спомена скратените рокови кои ги предвидувале Уставот и законите во случај на предвремени избори.
За опозициската партија тоа е неприфатливо. Oд ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека можно е да се направи пропуст со неколку дена поради не можноста да се навршат точно сто до избори, но дека сосема е неприфатливо да се оди со скратени рокови. Од таму потсетуваат на изјавата на нивниот партиски претседател Христијан Мицкоски кој рече дека не е подготвен на компромиси за тоа прашање.
Периодот кој што останува до претседателските избори, пак,не овозможува да поминат точно сто дена со техничка влада. Имено, според најавата од претседателот на Собранието Талат Џафери на 8 февруари тој ќе го закаже првиот круг претседателски избори за 21 април. Во таков случај вториот круг би бил на петти мај. Но и ако предвремените парламентарни избори се одржат со вториот круг на претседателските, тогаш повторно не би имало време за техничката влада да функционира сто дена, како што инсистира ВМРО-ДПМНЕ. И денеска да биде избрана техничката влада, таа би функционирала 98 дена до вториот круг претседателски избори на петти мај.
Но, воопшто за да дојде до тоа, владејачката партија треба да одлучи дали се за предвремени парламентарни заедно со претседателските, одлука која неофицијално се најавува за до крајот на неделава. Потоа, ако се оди на избори, неопходен е меѓупартиски договор за техничкиот премиер кој би го заменил актуелниот до изборите и за техничките министри на позициите предвидени во Пржинскиот договор. И за таков договор меѓу власта и опозицијата повторно е потребно време што ја намалува можноста за приближување до бараните сто дена влада.
Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, не е исклучена ниту една можност, ако има политички договор.
„Ако се прогласат двојни избори на 8 февруари може да се постигнат роковите така што се зависи од тоа што ќе се договорат политичките партии, односно дали да се распушти парламентот и да се формира пржинска влада што ќе ги спроведе изборите”, вели Незири.
Другата опција е да се одложат претседателските избори, но тоа би можело да предизвика, пак, други проблеми. Имено, последните избори за претседател беа одржани на 13 април 2014 година, а актуелниот претседател Ѓорге Иванов го почна вториот мандат на 12 мај. Тоа значи дека неговиот мандат завршува на 12 мај оваа година, па ако изборите се одложат можно е да се создаде дупка меѓу мандатите на стариот и новиот шеф на државата. Според Уставот изборот за претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.