Иако од власта ги демантираа недоразбирањата меѓу владините коалициони партнери СДСМ и ДУИ, дел од политичките аналитичари се сомневаат дека се работи за политички маркетинг, иако како што додаваат и тој е неизбежен дел од политиката. Професорот Митко Гаџовски од Факултетот за општествени науки вели дека е нормално во една коалиција да постојат прашања за кои постојат различни мислења кај партнерите, па во тој контекст не се сомнева дека и конкретниот закон предизвикал поделени ставови.
“Очекувам дека и во наредниот период ќе имаат различни ставови по одредени прашања коишто се од заеднички интерес за Македонија, меѓутоа, тоа нема да придонесе за поголема дестабилизација на коалицијата. Можеби е и маркетинг, но многу е веројатно дека различно гледаат различно на одредени нешта”, вели професорот Гаџовски.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу пак вели дека прашањето за конкретниот закон за јазиците не претставува камен на сопнување. Политичкиот маркетинг е присутен, особено во овој период кога власта е под силен притисок на опозицијата за актуелните политички случувања, вели Муслиу.
Видете и ова: Вработувања во државни компании само за блиски до власта“Сега секако дека има политички маркетинг. Да не заборавиме дека опозицијата врши силен напад врз владејачката СДСМ во однос на законот, дури и повеќе отколку за Преспанскиот договор. И во целиот тој процес се издвоија две прашања кои секако дека со самото праќање во Венецијанската комисија и даваат комоција на владејачкото мнозинство да можат целиот процес да го смират и подобро да го изменаџираат”, вели Муслиу.
Ова не е прв пат да се појават информации за превирања и тензии во владејачката коалиција. И во периодот кога ДУИ беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ се зборуваше за можен распад на коалицијата и се доведуваше во прашање нивната соработка. Аналитичарите потсетуваат дека тие теми се особено доминантни во предизборните периоди.
“Влегуваме во предизборие, а секако дека во тој период наративот е зголемен и секој се труди да повлече колку што може повеќе поддршка на своја страна. На крајот на краевите, можеби балансирањето помеѓу две три теми за да се привлече вниманието на јавноста, е корисно”, заклучува Муслиу.
Видете и ова: Владата без коментар за пресот на пратеникот Ејуп Алими на кој зборуваше само на албански јазикПоследниве денови јавноста беше сведок за разни недоречености помеѓу СДСМ и ДУИ околу законот за употреба за јазиците и неговото разгледување од страна на Венецијанската комисија. Различните толкувања околу Законот за употреба на јазиците и неговото разгледување во Венецијанската комисија доаѓаат како резултат на изјавата на премиерот Зоран Заев за Алсат М дека целиот закон е даден на разгледување во комисијата и дека ДУИ се кити со туѓи перја. ДУИ пак тврдеше дека предмет на разгледување во Венецијанската комисија ќе бидат само спорните членови кои се однесуваат на, банкнотите и хартиите од вредност, и амблемите на војската и полицијата. И владиниот портпарол Миле Бошњаковски деновиве потврди дека не постојат конфликти меѓу коалициските партнери и оти само некои од медиумите се обидуваат тоа така да го претстават.