„Џезилка“ е кованица помеѓу два збора – џез и „Везилка“ од Блаже Конески. И самата кованица зборува за тоа дека и музиката забележана на албумот е мешавина на џезот и македонската популарна музика.
Вака Петар Ренџов ќе ја започне приказната за својата нова, трета во низата, објава потпишана со неговото име и презиме. Авторот дополнува дека, за разлика од неговите претходни изданија, „Сонот на невестата“ и „Темјаника“, овде го дополнил инструментариумот и наместо традиционалните инструменти посилно ги вклучил лимените дувачки инструменти – трубата, саксофонот и тромбонот од едната страна и гитарата од другата страна и ги оставил да се надополнуваат. Тоа е вели музичкиот израз, а за текстуалниот инсистирал да биде македонскиот јазик. Луѓето да си го препознаат, оти самиот има впечаток дека сè повеќе и повеќе исчезнува од музичкиот вокабулар.
„Имам чувство, длабоко, силно и потврдено дека македонскиот јазик сè помалку го има во музиката. И затоа јас пробав да сторам едно своевидно враќање кон него. Кон македонскиот јазик. Дури и земав една тема која мене многу ми значела. Еден сингл од 1975 година на групата ТРИАНГЛ - „Глинено око“ како текст кој не се пишува туку се издишува. Згора на тоа еден текст е од мојот татко Михаил Ренџов. Исто е кованица за да приличи на фанки звукот што сум го направил таму. Имам и инструментални теми кои се поклопуваат малку со џезот, малку со латино, меѓутоа ја има, можам слободно да кажам, експресијата на македонската звучност, на македонскиот танцов оркестар од времето на Шпато“, вели Петар Ренџов.
Тој и со појаснување дека долго и внимателно размислувал дали да биде тоа џез импровизација или да биде популарна музика за да можат да ја слушаат сите. И оние што не милуваат џез, што слушаат рок, поп музика... Се решил да понуди нешто малку популарно со примеси на џез, на импровизации од возбудливите инструменталисти како Кирил Кузманов, Сенад Усеин и Сашко Николовски. Истакнува дека сето тоа поминува низ него од кога почнал да се бави со музика. Со „Глинено око“, потем со „Ноќна птица“, па и со песната „Жена без лице“ на покојниот Владимир Бато Нејашмиќ истакнува дека живее повеќе од 25 години.
„Тоа ферментираше на свој начин и еве сега се појавува. Кога почнав да го правам албумот во себе си велев дека немам време кога ова да го правам, да го изнесам на виделина ако не сега. Колку е созреано ќе се слушне од музиката. Дали тоа наликува на вистински музички израз јас не можам да судам, оставам тој збор да го кажат другите. Жал ми е што ни другите не можат да судат заради тоа што во Македонија во моментов немаме музички суд. Нема критика која за лошиот ќе каже е ова е лош албум. Или музичка критика која ја познава музиката и ќе рече е ова е добро дело. Добро издание. Во Република Македонија такво нешто сега не постои“, смета Петар.
Прашан дали се чувствува инструменталистички и авторски силен за да донесе продукт кој би ја размрдал не многу поволната слика за македонската популарна музика во моментов, Ренџов знае да каже дека не се осмелува да тврди дека она што го создава е во светски рамки, но дека во даденово опкружување тврди дека е доволно „моќен за да направи нешто подобро од она што во денешнината ни се случува како музика“.
„Ни се случува медиумска експанзија на некаква музика која не би требало нити по квалитет нити по која било основа да ја прифатиме. Тоа е турбо-фолкот. И мене на ноќните забави ми бараат да свирам турбо-фолк. Гледам како со него се забавуваат луѓето. Посебно младите. Тие се инфицирани и тотално избезумени од силината и јачината на таа музика која ним им е единствена. Искрено се надевам дека оваа музика, барем мојот албум, има подобра музичка естетика градена врз принципите на џез музиката, на класичната и на популарната, на поп музиката. Сите кои ќе ја слушнат ќе добијат една перцепција дека нешто убаво се случува и во македонската музика“, истакнува гитаристот.
Говорејќи за вината тој прстот најнапред го вперува во медиумите велејќи дека тие повеќе од деценија и половина емитуваат катастрофална програма по сите стандарди. Како позитивен пример ја наведува хрватската национална телевизија, велејќи дека тоа лесно може да се забележи по изборот на документарните, едукативните емисии, филмовите, сериите и посебно од односот кон домашната музика. Истакнува дека само таму можеше да се случи дводневна жалост по смртта на еден маг каков што беше Оливер Драгојевиќ кого и денес го слават.
„Кај нас не постои музичар кој ќе биде спомнат од политичките авторитети кои се на некаква политичка функција. Тие се менуваат, но не се свесни што прават. Не се свесни што им дозволуваат на медиумите да емитуваат на своите програми. На нашите медиуми беше забрането да се пушта македонска музика цели шест месеци од министерката за култура, кај го има тоа?! Рибата смрди од главата. Државата мора да ги преуреди односите со и во медиумите. Државата тоа во моментов не го прави и веројатно не може да го направи. Овој проект „Џезилка“ не е подржан од Министерството за култура. Во него има повеќе од 60-на минути музика за кои некој таму немаше слух да каже дека вреди нешто да се вложи. Дека државата треба малку да помогне. Лично го финансирав од чувството за припадност кон сопствената нација. Од љубов кон мајчиниот јазик и неговото присуство во музиката“, вели тој.
Од таму, како што вели Петар Ренџов, ако не добие мала помош од институциите тој за жал не ќе биде во состојба да го промовира „Џезилка“ онака како што прилега – со концерт.
„Сам нема да имам средства да го направам промотивниот концерт. Спонзорите денес се оглушуваат од македонската музика. Направен е круг на смртта. Јас тоа така го чувствувам. Таму, за жал, и самиот припаѓам. Никој подобро од мене тоа не може да го разбере. Еве на крајот од годината конкурирав во Министерство за култура за концерт. Не сум сигурен дека ќе добијам нешто, но и да не добијам ќе свирам ако треба дупло повеќе и не се откажувам од идејата. Концерт кога тогаш ќе мора да има“, категоричен е музичарот.