Дводневната расправа во собраниската Комисија за надворешни работи и одбрана, која заврши со усвојување на нацрт закон според кој се ратификува и стапува во сила Преспанскиот договор, денеска се префрла во грчкиот парламент. Гласањето на пратениците ќе се случи утревечер, а според извештаите на медиумите, проценките се дека Договорот ќе биде ратификуван со најмалку 151 глас, односно исто толку колку што гласаа и за доверба на владата на премиерот Алексис Ципрас.
Претседателот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис синоќа од Солун порача дека неговата пратија ќе направи сѐ што може за да ја спречи ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент. Тој додаде дека во Парламентот започнува исклучиво критична расправа за националното прашање, а сите пратеници за одлуките ќе бидат соочени со нивната совест и со историјата.
Видете и ова: Жбогар – Не очекувам пречки на вашиот пат кон ЕУ“Договорот од Преспа е лош договор. Бидејќи за прв пат Грција официјално отстапува македонски јазик и македонски идентитет на соседите и на овој начин ја напушта децениската политика од причини кои само Ципрас ги знае. Нова демократија на расправата ќе дојде координирана, со трезвеност и решителност. Ќе им објасни на грчките граѓани зошто овој договор е лош договор. И ќе направи сѐ што може за да ја спречи ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, рече Мицотакис.
Лидерот на Нова Демократија го повтори барањето на партијата, Парламентот да го има на увид македонскиот Устав истакна дека е несфатливо да се води дискусија без претходно да биде доставен конечниот, ревидиран и пречистен текст на Уставот
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос кој вчера говореше за успешен договор, рече дека „очекува одговорност, чувство за национална одговорност и искреност од сите политички сили“.
Инаку термините националност и државјанство беа главни теми на дискусија, како и тоа дали со Договорот од Преспа се признава или не „македонски народ“.
Според власта државите признаваат држави, а не народи или нации, а самоопределувањето не може да биде предмет во договорите, додека опозицијата смета дека во договорот, во делот за државјанство требало да биде само терминот „ државјанство на Северна Македонија“.Тема на дискусија беше и барањето на опозициската Нова демократија, повторено од надлежниот за надворешна политика во партијата, Јоргос Кумуцакос, да биде доставен целиот македонски Устав, како и текстот со оставката на Коѕијас.
Позитивно за договорот говореа пратениците од СИРИЗА, како и независниот пратеник Данелис и Мавротас од Река. Пратеникот Спирос Данелис, кој поради позитивниот став за договорот беше избришан од пратеничката група на Река, рече дека „вистинскиот патриотизам бара самодоверба и почитување на патриотизмот на другите“.
Опозициските партии, Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора, Независни Грци, Сојуз на централисти и Комунистичката партија на Грција, заедно со независниот пратеник Димитрис Каменос, се против договорот.
Најавени протести против договорот
Низ Атина како и низ другите градови во текот на денешниот и утрешниот ден се најавени нови протести против Договорот од Преспа.
„Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организацијата која стои зад протестите против Договорот од Преспа, ги повика Грците утре попладне, да излезатна плоштадот Синтагма, пред грчкиот Парламент, за како што велат „да го изразат нивното противење за криминалот што ќе биде извршен во парламентот“.