Постигнат договор за Законот за спречување корупција

Архива: Собраниска седница.

По неколку часа расправа, власта и опозицијата се договорија за новиот Закон за спречување корупција. СДСМ прифати 20 од 40 те поднесени амандмани на ВМРО-ДПМНЕ.

По неколку часа расправа владејачкото мнозинство ги прифати амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за да се донесе поквалитетен закон за формирање на државната Комисија за спречување корупција и судир на интереси. Ана Лешкова од ВМРО ДПМНЕ изјави дека се задоволни од решението.

„Задоволни сме што владејачкото мнозинство конечно сфати дека на Република Македонија и е потребна квалитетна и пред се професионална Антикорупциска комисија што ќе работи сериозно и без било какви политички влијанија, со што сите манипулации и изјави на претставниците на владејачкото мнозинство што беа изнесувани деновиве, паднаа во вода“, изјави Ане Лешкова од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во Собранието.Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ немало намера да блокира вакви важни закони.

Од СДСМ на прес-конференција во Собранието изјавија дека Македонија ќе добие силна и независна институција за борба против корупцијата по европски стандарди. Тие наведоа дека од 40 амандмани кои беа доставени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, нашле согласност за 20 амандмани кои, како што истакнаа, се во функција на зајакнување на текстот на одредени одредби и оти истите заеднички ги поднеле.

Од СДСМ велат оти прашањато за директен увид во сметките на носителите на јавните функции е затворено и оти државната Комисија за спречување на корупцијата ќе има директен пристап до банкарските сметки, но и во над 60 други бази на податоци. Исто така е наведено дека не било дозволено да се воспостави паралелен систем или орган, како што било предложено од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие наведоа дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата останала доследна во одбраната на европските стандарди за воспоставување на ефикасни механизми за спречување на корупцијата.

Законот за спречување корупција со кој во земјава по речиси една година треба да профукционира Комисија за борба против корупцијата , со европско знаменце и по скратена постапка денеска се најде пред пратениците.

До ова дојде откако Владата на вчерашната седница донесе одлука на Собранието да му предложи овој Предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце со цел законот да се донесе што е можно побргу и за да се овозможи зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка за поефикасна превенција и борба против корупцијата.

Министерката за правда Рената Дескоска која го предлага Законот со европско знаменце побара да се гласа по скратена постапка.

„ Ја знам дека има пратеници кои се плашат од храбрите решенија во Законот, но на следните претседателски, а можеби и парламентарни избори треба да имаме антикорупциска комисија која ќе ги следи регуларноста на изборните кампањи и трошењето на буџетските пари во тој период“ рече Дескоска.

Македонија со месеци нема Антикорупциска комисија откако во март минатата година членови на Комисијата си поднесоа оставки по ревизорски извештај кој покажа дека ненаменски потрошиле буџетски пари.

Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ со амандмани бараше измени на новото законско решение. Од таму неколку пати кажуваа дека имаат забелешки, преточени во 27 амандмани кои сметаат дека се во согласност со препораките на ГРЕЕКО. Некои од клучните забелешки беа и за начинот на кој ќе се контролира финансирањето на партиите.

Од Владата наведоа дека со Предлог законот се врши усогласување со правото на ЕУ во областа на правосудството и фундаменталните права, а инкорпорирани се и препораките на ГРЕКО, на експертските извешати и на извештаите на ЕК за напредокот на земјата од 2015 и 2016 година.

Борбата пртотив корупцијата, заедно со реформата на правосудството и на разузнавачките служби, е една од областите кои Македонија треба да ги испорача за да добие одлуката за старт на преговори од страна на ЕУ во јуни оваа година.