Огромен интерес за изучување германски јазик ги полни училниците на центрите за неформално образование и приватните школи за странски јазици. Покрај оние кои имаат желба за учење нов јазик, таквата состојба најмногу се должи на луѓето кои сакаат да одат да работат во Германија, па им е потребно барем минимално да го знаат јазикот, како и да се стекнат со соодветна диплома. Оние кои ги очекува работа во фабрики или слично изучуваат основна комуникација. Се бараат и напредните нивоа од страна на лекари, медицински лица и други чија работа подразбира повеќе комуникација, објаснува Билјана Дабеска од Отворен граѓански универзитет за доживотно учење или поранешен Работнички универзитет од Гостивар.
„Сите учесници што доаѓале кај нас се распрашуваат за понатамошно полагање на меѓународниот признат сертификат А1. Тоа е заради одлив, заминуваат за европските држави, Германија, Швајцарија, претежно германски јазик се бара. Б1 и Б1.2, тоа е веќе највисоко ниво за кое го бараат за докторите, лекарите и тој тип занимања. Со основно ниво претежно работат работници на кои не им потребно поголемо познавање на германскиот јазик. Има и многу институции, односно приватни провајдери коишто организираат курсеви за германски јазик конкретно и нудат вработување во Германија“, смета Дабеска.
Видете и ова: Матурантите подобро знаат странски отколку мајчин јазикЗголемениот интерес за изучување германски го става на првото место на јазици кои се бараат од луѓето за да се учат. Се смета дека германскиот е дури и поатрактивен од англискиот.
„Сакам да напоменам дека на времето за англиски јазик имаше доста голем интерес, групите броеја и по 40 ученици, за разлика од сега. Сега е скроз различна ситуација во врска со јазиците. Англискиот јазик е тотално на маргините, скоро и едвај собираме група од 10 ученици, да не зборувам за возрасните. А кога се работи за германскиот јазик, сега е она време баш како со англискиот, сега германскиот е актуелен“, вели Дабеска.
Во македонскиот образовен систем германскиот започна да се изучува како предмет со воведувањето на деветгодишното основно образование. Учениците од шесто до деветто одделение го учат како втор странски јазик по англискиот.