Под закрила на криминал од омраза, кој како кривично дело се внесува во Кривичниот законик на мала врата, власта внесе измени со кои ќе се доведат во прашање многу од предметите на СЈО кои се во судска постапка. Пратениците во скратена постапка во Комисијата за политички систем, во отсуство на колегите од ВМРО-ДПМНЕ се договорија да влезат во втора фаза измените на Кривичниот законик во кој засега остана спорниот член 275-в. Со него би им се намалиле казните на дел од осудените во предметите на СЈО, поконкретно во предметот Труст. Таму се осудени на затворска казна бизнисменот Сеад Кочан и синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василие.
Во фотофиниш беа извадени спорните измени на членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службена положба при јавна набавка, а за кој пратениците велат дека бил донесен од претходната власт и дека се користел за политички пресметки.
Но, пратениците не се откажуваат од идејата да се смени овој член, само што денеска констатираа дека за тоа им е потребна поголема дебата во јавноста.
„Не треба и ние како пратеници и општеството да биде вознемирено од тоа дали ќе има или ќе нема правда. Сметам дека треба да има правда, но и да ги афирмираме заложбите, кои досега многу сме ги зборувале од опозиција за сразмерни казни. Но, не треба тоа да останат само зборови, треба да имаме храброст да се соочиме со јавноста и да разговараме. Ако има некои работи кои не се дефинирани подобро да се дефинира“, изјави пратеничката од независната група Нола Исмајловска - Старова.
Пратеникот Панчо Минов, пак, кој истакна дека не треба да се бега од дебата за измените кои се однесуваат на стекнувањето на противправна корист со тендерската постапка, но упати апел до медиумите.
„Да се даде прилог од медиумите за ова работа да биде стварно уредена според потребата, да биде само форма,за да не биде еден отворен простор за политичко пресметување. За да биде и во прилог на она што значи сега помирување во нашата држава“, вели Минов.
Од СДСМ, пак, во нивните излагања го потенцираа значењето на измените кои се однесуваат на криминалот од омраза, но и накусо додадоа дека немаат намера да задираат во судската власт и дека со законот има доволно простор да бидат казнети извршителите на кривични дела.
Адвокатот Александар Тортевски вели дека со измените на Кривичниот законик половина од случаите на СЈО паѓаат во вода.
„По моја проценка околу 40-50 проценти од постапките пред СЈО ќе бидат доведени во прашање, заради тоа што ако се намалува казната или се бришат тие членови тогаш ќе настапи застареност и за кривично гонење, бидејќи се скратуваат роковите за застареност во многу случаи, во многу случаи коишто ги води СЈО и се менува во целост и практично паѓа во вода огромен дел од досега сработеното“, вели Тортевски.
Тој додава дека најверојатно од ова бенефит ќе имаат некои пратеници, односно веројатно во игра се еден или двајца пратеници коишто својот глас за уставните измени го условуваат со нивно ослободување или на нивни блиски.
„Најлошата форма на вршење на криминал и на злоупотреба на службена положба е кога тоа се прави преку менување на закон, за еден или двајца луѓе или за еден индивидуален случај. Тоа значи дека практично криминалот ја контролира и законодавната власт, а со закон може да се легализира кое било поведение, а коректни граѓани може да се осудат само затоа што криминалците диктираат некакво законско решение“, вели Тортевски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме Специјалното јавно обвинителство предложи домашен притвор за бизнисмените Орце Камчев, Цветан Панделевски, како и за останатите осомничени во Империја, потоа за поранешните функционери во ВМРО-ДПМНЕ Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, додека за поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков се уште не е доставено мислење до надлежните судови. Мијалков бара ослободување од притвор во замена за поблага мерка со гаранција од еден милион евра.
Овие настани доаѓаат во време кога приоритет се уставните измени кои треба да завршат за две недели, за да се испочитува Договорот за името со Грција. Името на Сашо Мијалков се спомнуваше како клучно за обезбедување на поддршка на осум пратеници од партијата за отворање на Уставот. Речиси еден месец по отворањето на уставните измени, Мијалков беше притворен. Потоа следуваше и Законот за амнестија, со кој извесно е дека амнестија може да добијат обвинетите пратеници за 27 април.
Со измените пак на членот 275- в на Кривичниот законик, се отвора можноста осудениот за Труст, Василије Авировиќ, кој е син на пратеничката Владанка Авировиќ, да добие условна казна, наместо досудената од три години затвор. Пратеничката Авировиќ гласаше за отворање на уставните измени. Овој член ќе влијае и на намалување на казната на бизнисменот Сеад Кочан, кој во јули годинава беше осуден на шест години затвор за случајот. Како близок на Кочан во медиумите се посочуваше името на Зеќир Рамчиловиќ, кој исто така е во групата на осумтемина кои ги поддржаа уставните измени. Измените на членот 353 предизвикаа реакции во јавноста по што беа тргнати од собраниската процедура. Според овој член се осомничени и пратеничката Елизабета Канческа-Милевска, поранешните министри Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски, потоа Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ...