Трговија за пратенички гласови врз грбот на правната држава

Архивска фотографија- гласање во првата фаза од уставните измени

Правниците оценуваат дека со последните измени во законот и со носењето на амнестијата се прави сериозен удар врз правната држава. Според политичките аналитичари вкусот е горчлив, но цената е деблокирање на општествените приоритети.

Врз правниот систем се прави атак, а тоа ја поткопува можноста не само формално, туку и суштински Македонија да стане дел од евроатланските структури.

Вакви се коментарите на упатените откако последниве денови се донесоа или најавија неколку одлуки - прво законот за амнестија поврзан со случувањата на 27 април во Собранието лани, па сега и процедурите за измени на членови од Кривичниот законик. Со тие измени се проценува дека ќе се спасат и дел од обвинетите во случаите на Специјалното јавно обвинителство.

„Имам впечаток дека се станува некаков вид трговија и тоа под превезот на изреката дека целта ги оправдува средствата. Меѓутоа целта не ги оправдува туку ги определува средствата. Ако нашата цел е демократска држава во која што ќе владее правото вакви нешта не би требало да се прават”, вели професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања.

Условена поддршка за напредок во НАТО и ЕУ

И премиерот Зоран Заев деновиве рече дека е точно оти амнестијата ја прават и за процесот на уставните измени. Дебатите во јавноста, пак, за тоа дали поддршката на уставните измени од осумината поранешни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ е условена и со некаков вид амнестија за нив или нивни блиски, се отвори и пред формално да се отвори Уставот со гласањето на 19 октомври.

Имено, уште во почетокот на собраниската дискусија за потребата од измени на Уставот, Заев рече дека испраќа “порака на помирување и простување за 27 април и настаните што се случија”. Но, тогаш конкретно тој не спомена помилување или амнестија, нешто што есента меѓу редови го прочита дел од правната фела во Македонија.

Скандал од неверојатни размери е законот да се менува по потреба, за да на неколку луѓе им се направи услуга, а тоа значи дека ние немаме никакви елементарни услови за да кажеме дека имаме правна држава, коментираат и сега правниците.

Компромиси со горчлив вкус

Но, според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, не е спорен правниот аспект, оти како што вели Собранието носи закони и измени на закони, а спорно од правна гледна точка би било ако се кршеле донесените закони.

Тој смета дека повеќе спорна е морална компонента која е ставена под знак прашалник.

„Но од друга страна, целта на сето ова е постигнување на финалниот договор со Грција со што ќе се деблокираат другите општествени приоритети. Така што секако, горчлив е вкусот на целиот овој процес, но кога се зема предвид која е целта која треба да се постигне, секако дека некогаш и некои тешки компромиси треба да се направат”, вели Муслиу.

Непосредно пред собраниските процедури за измените на членови од Кривичниот законик, Заев рече дека 76 пратеници се сигурни за уставните измени, без да открие кои се четворицата што го смениле своето мислење од гласањето во октомври. Лидерот на ДУИ Али Ахмети месецов во интервју за Радио Слободна Европа навести дека е можно да се проблематизира поддршката за уставните измени, наведувајќи дека бил загрижен оти се плашел процесот да не се повреди од “невниманијата на институциите”.

Последната, трета фаза од уставните измени со кои ќе се спроведе Договорот од Преспа, а потоа се очекува и Грција да го деблокира членството на Македонија во НАТО, почнува во почетокот на јануари. Седницата е закажана за 9 јануари, а претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека се очекува се да се заврши до кај 15-ти истиот месец.