Достапни линкови

Бенефициите за пратениците сè уште се идеја


Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на предновогодишно дружење со новинарите, 25.12.2018.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на предновогодишно дружење со новинарите, 25.12.2018.

Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува уставните измени да завршат до 15 јануари. Тој не одговори конкретно на идејата за бенефиции за пратениците по истекот на мандатот, наведувајќи дека сè уште не видел конкретен предлог закон.

Во првата половина од јануари се очекува да заврши собраниската седница за уставните измени. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа седницата за деветти јануари и неговите очекувања се дека амандманите ќе бидат усвоени до 15 јануари.

„Ако се раководиме од искуството, не би требало да трае повеќе од пет- шест дена, а како што е најавено, опозицијата нема да присуствува и со тоа се отвора можност и порано да заврши, но во секој случај седницата ќе биде затворена до средината на јануари“, рече Џафери.

Во врска со Договорот од Преспа и со Законот за употребата на јазиците кои претседателот Ѓорге Иванов не ги потпиша за да стапат во сила, претседателот на Собранието повтори дека шефот на државата имал законска обврска да го стори тоа. Тие ќе се реализираат, а волјата на граѓаните не може да се попречи, додаде тој, нагласувајќи дека кога ќе ги прател во Службен весник со негов потпис, било, како што рече, негова одлука.

По денешниот појадок со новинарите тој ја сумираше работата на Собранието. Џафери не одговори конкретно и за барањето од група пратеници по истекот на мандатот да имаат бенефиции за врaботување во државната служба. Идеја има, а дали ќе има закон или не, е работа на пратениците, рече собранискиот спикер.

„Не можете да кажете дали поддржувате или не идеја. Јас додека не видам конкретно предлог не можам да се изјаснам дали поддржувам или не“, рече Џафери.

Во врска со идејата за избор на претседателот на државата во парламентот, наместо на директни избори, Џафери исто така вели дека во политичките партии се размислува и за таква можност.

„Но, тоа подразбира нова постапка за уставни измени, значи мора да се менува Уставот за да се реализира таквата идеја. Во секој случај сега за сега останува решението, какво што е сега, претседателот да се бира на директни избори“, рече Џафери.

На крајот на годината тој, повикувајќи се на испитувањата на јавното мислење оцени дека перцепцијата на граѓаните за Собранието сега е поинаква и дека пратениците ги завршиле сите битни работи во предвидените рокови.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG