Таблоидизирани медиуми за ширење лажни вести

Илустрација

Како да знаеме дали е вистина тоа што гледаме на телевизија или на интернет, во услови кога технологијата овозможува различни видови манипулација на публиката, од креирање на лажни фотографии до создавање или преработка на лажна содржина, аудио и видео материјал.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 10 ноември 2018

Медиумските манипулации постојат со години наназад, но во моментов новите медиуми се простор кој често се злоупотребува и кој е преплавен со невистинити информации, полувистинити или манипулации, односно со таканаречените лажни вести. Ваквите информации влијаат врз публиката и според експертите тие најчесто се пренесени за некаков интерес или со цел да нанесат штета на некоја личност или организација.

Еден од скорешните примери е кога на социјалните мрежи се појави документ со наводна оставка на министерот за надворешни работи Никола Димитров, по што Министерството демантираше, наведувајќи дека се работи за дезинформација и фалсификуван документ.

Минатиот месец беше споделувана и лажна објава дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го напушта Твитер поради вулгарна реторика на мрежата, а Мицкоски потоа напиша дека станува збор за ширење невистини и оти ќе продолжи да користи Твитер.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Има ли лек против лажните вести?

Последниве неколку години, политичките партии терминот лажни вести се почесто го употребуваат и во нивните партиски соопштенија, обвинувајќи се меѓусебно за ширење невистини, но истовремено најавувајќи борба против оваа појава.

Пред одржувањето на референдумот за Договорот за името со Грција во септември, Владата на прес-конференција укажа на присуство и ширење на лажни вести на социјалните медиуми, дезинформации и говор на омраза за време на кампањата, како и креирање на вести врз основа на полуинформации.

Од Владата оценија дека сето тоа претставува поткопување на демократските процеси во државата, ширење на дискриминација и омраза на штета на граѓаните, како и дискредитација на институциите.

Борба против лажните вести на сите фронтови

Комуникологот Петар Арсовски вели дека лажните вести се светски феномен и според него, борбата против оваа појава треба да се води со работа на сите фронтови паралелно: еманципација на публиката, засилување на законодавноста и обуката и притисокот од новинарите и уредниците против лажните вести.

Факт е дека новинарството во текот на 21 век секаде, а уште повеќе во земјите со ниски демократски стандарди како Македонија, постојано се таблоидизира. Таквата таблоидизација во потрага по популизам и бројки, а не по вистина, носи до тоа сега веќе да имаме работа со продукција на лажни вести, кои немаат допир со реалноста, туку имаат единствоно за цел да подигнат читаност или да насочат некаква политичка агенда“, оценува Арсовски.

Тој објаснува дека медиумите имаат вина за ширењето на лажните вести, но според него тие исто така се и жртви на овој проблем.

„Новинарите се фатени во стапицата (на лажните вести) како и сите други и не мислам дека нивниот протест против лажните вести е премногу автентичен. Нив тоа им одговара, бидејќи ги прави да бидат во центарот на внимание“, вели Арсовски.

Партиите преку партнерски медиуми шират лажни вести

За тоа коко политичките партии се справуваат со оваа појава, Арсовски вели дека тие во моментов лажните вести ги користат преку нивните медиумски алатки и според него немаат директна продукција на лажни вести, туку имаат медиумски партнери кои тоа го прават за нив.

„Политичките партии мислам дека повеќе се фокусирани на социјалните медиуми, но и таму не гледам некаков посериозен притисок, не во волуменот кој го видовме на американските претседателски избори“, вели Арсовски.

За потсетување, во пресрет на претседателските избори во САД, американските медиуми објавија дека Велес е еден од центрите од каде се врши организирано ширење на лажни вести.

Лица што учествувале во овие процеси, објаснуваат дека најпрво лажните вести треба да бидат напишани, а потоа со користење социјалните мрежи, посебно Фејсбук, се овозможува таргетирање на луѓе за да ги прочитаат тие вести, односно ако веста е за политика, се таргетираат луѓе кои ги интересира политика, или пак, ако е напишана вест против една партија, се таргетираат луѓе од другата партија за веста повеќе да биде споделувана, велат тие.

Како публиката реагира на лажните вести?

Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии вели дека според истражувањата кои ги имаат направено, многу малку граѓани ги проверуваат информациите прочитани на социјалните мрежи, а исто така ретко ги споредуваат вестите со други медиуми.

Таа истакнува дека публиката треба повеќе да работи на стекнување знаења за препознавање што е професионално обработена информација.

„Тука можеме да кажеме дека е алармот, каде што треба да видиме каде грешиме, дали на публиката и требаат одредени вештини за да може да умее да го препознава влијанието и задната порака на информацијата која што се пласира: дали има манипулација, дали таа информација е доволно проверена и вистинита. Сите тие техники се учат и публиката се повеќе треба да биде свесна за овие ризици“, вели Теменугова.

За ситуацијата во домашните медиуми, таа вели дека пласирањето на „лажни вести“ или непотврдени информации, е само еден аспект во трката со времето и борбата за поголема читаност и гледаност.

„Вториот момент е кога одредени информации се испраќаат со одредена заднина, без разлика дали се фаворизира определена политичка или бизнис идеја“, вели Теменугова.

Според истражувањето на Институтот за комуникациски студии направено со телефонска анонимна анкета со 1.015 испитаници постари од 15 години, повеќе од една третина испитаници одговориле дека поминуваат на Фејсбук меѓу еден и три часа во денот, а повеќе од една четвртина испитаници поминуваат повеќе од три часа во денот.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека 71 проценти од младите од 15 до 24 години се согласуваат со изјавата: „Важно ми е мислењето кое го споделуваат јавните личности кои ги следам на социјалните мрежи. Од овој процент, најбројни се младите од скопскиот регион.

„Тоа е особено загрижувачки за младата популација која следи доста јавни личности и алармантно е тоа што им верува на тие јавни личности што пласираат онлајн“, вели Теменугова.

Во однос на тоа какви содржини најчесто следат, скоро половина од испитаниците рекле дека следат политика (48,7 проценти), забавните новости ги следат (39.1 отсто), додека повеќе од една третина одговориле дека следат новости од полето на економијата.

Машките најчесто следат политика и спорт, додека женските испитаници најчесто следат забава и политика.

Примарен извор за информирање во Македонија и натаму е телевизијата, но возрасната публика најмногу гледа телевизија за разлика од младите кои се информираат на интернет, покажува истражувањето.

Со лажни вести во борба против лажни вести

Деновите пред изборите за Конгресот во Њујорк се појави трафика со весници во кои има само лажни вести и дезинформации. Трафика со лажни вести во Њујорк со главна цел: да ги открие опасностите од дезинформации и да се едуцираат луѓето за тоа како да ги препознаат.

Гоце Атанасов

„Детски боречки клуб“, „Убијци на болка во нашиот водовод“, „Хилари Клинтон вели дека ФБИ им достава ураниум на Русите“. Насловите можеби изгледаат апсурдни, но тие беа меѓу најчитаните приказни кога беа објавени на социјалните медиуми.

Кајл Поуп, уредник и издавач на „Колумбија џурнализам ривју“ стои зад идејата за отворање трафика во Менхетен во која ќе има весници полни со лажни вести.

„Ние земавме приказни кои беа споделени нашироко на интернет и ги ставивме во тврд повез во она што изгледа како вистински публикации. Тоа ви овозможува да видите колку ова е апсурдно. Тоа ви овозможува да размислите за фактот дека ова е смешно. Тоа нема никаква смисла. Сепак, луѓето сè уште ги споделуваат овие работи“, вели Поуп.

Во лажните весници и списанијата „Колумбија џурнализам ривју“, објавува и бесплатен водич за откривање на дезинформации и лажни вести.

„Земете една секунда да размислите од каде би можеле да дојдат. Знаете дека не е потребна многу напредна вештина за да направите мало истражување за да дознаете од каде започнуваат овие наслови“, вели тој.

Советите вклучуваат проверка на емоциите, и прашања за изворот и содржината.

„Ние се обидуваме навистина да ги разликуваме лажните информации од вистинските информации што ги произведуваат вистинските новинари, бидејќи сега сме во клима во која двете работи се во своевиден конфликт каде што луѓето ги изедначуваат дезинформациите со вистинското новинарство. Тоа е опасно, луѓето реагираат на непредвидливи начини на тоа. Тоа исто така помага да се создаде недоверба во новинарството.“

Трафиката за лажни вести беше отворена една недела пред таканаречените среднорочни избори за американскиот Конгрес. За њујорчани станува збор за добра идеја.

Андреа вели:

„Мислам дека е интересно. Мислам дека е добра идеја да се изнесе надвор она што луѓето всушност веруваат во некои од овие бесмислици.“

Еден од минувачите Брендан Штраус вели:

„Мислам дека е навистина важно. Имам многу пријатели кои дефинитивно ми испраќаат нешта кои се јасно лажни. Лично, ако нешто ми изгледа чудно, сакам да проверувам на повеќе места. Значи, мислам дека проверката на фактите е навистина важна и тоа е огромно прашање.“

Со него се согласува студентот Крис Полански:

„Мислам дека ова очигледно е вистински проблем. Секој знае дека тоа е вистински проблем. Сè што можеме да направиме е, знаете, да ги едуцирате луѓето, да ги натерате луѓето да се описменат во конзумирањето на вестите.“

Во минатата година Фејсбук објави дека Русија се обидела да влијае врз гласачите во Соединетите Држави преку таа социјалната мрежа во периодот пред изборите во 2016 година.

Москва ги негира ваквите тврдења. Од тогаш, технолошките гиганти, како што се Фејсбук и Гугл, ги засилија нивните напори да се справат со ширењето на лажни вести онлајн.

Медиумската писменост да стане дел од образованието

Во однос на медиумската едукација во Македонија, оваа недела на платото на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје беше организиран настан насловен „Не биди медиумска мета“, каде говореа студенти од Правниот факултет.

Целта на настанот беше да се подигне критичкото мислење и медиумската умешност на граѓаните, со акцент на важноста тие да не бидат жртви на медиумите.

Пораките на студентите беа насочени, како што рекоа, против пропагандата, агресивното потрошувачко општество, отуѓувањето, рекламното тероризирање, жртвите на видео игрите, агресивниот маркетинг и медиумскиот хаос во Македонија.

Студентите рекоа дека луѓето се жртви на моќта на медиумите и оти се соочени со различни видови пропаганда. Тие ги повикаа граѓаните да внимаваат и да не се губат во многубројните информации.

„Моќта на мас-медиумите е голема, тие го пренесуваат, формираат и пренасочуваат јавното мислење и ставовите. Затоа обрсти внимание и немој да се загубиш во лавиринтот на брзиот начин на живот. Одвој време да размислуваш за информациите што ги добиваш. Одвој време да не станеш плен во канџите на медиумската пропаганда“, вели Бојана Крстевска - студент на Правниот факултет „Јустинијан први“ во Скопје.

Симеон Јанев од Правниот факултет рече дека медиумската писменост, не само што не е присутна во едукативниот систем во земјата, туку оти не постои ниту процес таа да стане дел од образованието.

„Би сакал да ги повикам студентите дека е време да започнеме медиумското образование да го имплементираме во нашиот образовен систем, со што македонското општество би станало повеќе медиумски писмено“, вели Јанев.

Марија Суботиќ рече дека секоја информација не е факт и не може да биде сфатена како факт. Живееме во технолошки услови во кои многу е лесно да дојдеме до информација, но е тешко да дојдеме до самиот факт, рече таа.

„Еден од познатите примери е групата луѓе од Велес кои споделуваа лажни вести во однос на претседателските избори во САД. Ова треба да ни каже дека медиумската писменост е многу важна и треба да се имплементира во самиот систем на образованието, бидејќи образовниот процес може да изгради здраво граѓанско општество“, истакна Суботиќ.