Претседателот Трамп реагираше на најновата акција на голем број американски весници кои во своите уводници ги отфрлија постојаните напади на Трамп врз американските медиуми.
„Не постои нешто што повеќе би го сакал за нашата земја од вистинска слобода на медиумите. Факт е дека медиумите се слободни да пишуваат и кажуваат се што сакаат, но повеќето од тоа се лажни вести, туркање политички агенди или само обичен обид да им се наштети на луѓето. Чесноста победува“, напиша Трамп на Твитер.
Тој медиумите редовно ги нарекува „народен непријател“, а пред две недели изјави дека новинарите „намерно предизвикуваат големи поделби и недоверба“ и дека „можат да предизвикаат војна“.
Токму поради ова на повик на „Бостон глоуб“, околу 350 весници во нивните уводници напишаа дека ваквите напади се опасни за компактноста на граѓанскиот концепт во изминативе над два века во Соединетите држави.
Весникот „Портланд прес хералд“ наведе дека слободните и независни медиуми се најдобра одбрана од тиранијата.
Во дел од уводниците се оценува и дека „вистинските непријатели на народот и демократијата се оние кои се обидуваат да ја задушат вистината со клевети и со демонизирање на гласникот“.
Во меѓувреме, американскиот Сенат едногласно усвои резолуција во која се наведува дека „печатот не е непријател на народот“.
Резолуцијата што ја предложи демократскиот сенатор Брајан Шац се повикува на зборовите на поранешите американски претседатели Томас Џеферсон, Џејмс Медисон и Роналд Реган дека слободните медиуми се „составен дел на демократските темели на Соединетите држави“.
Во неа исто така се наведува дека Првиот амандман на американскиот Устав ги штити медиумите од контрола и притисоци од владата.