Ќе следуваат уште амандмани за промена на Уставот

Архивска фотографија - Гласање на уставните амандамни во прва фаза.

Дел пратеници веќе подготвиле предлог амандмани, а други допрва ќе расправаат како ќе постапуваат во процедурата за уставните измени. Може да се поднесат амандмани до крајот на годината, за пленарната седница која треба да почне на 9 јануари.

Пратениците од Беса веќе имаат подготвено дополнителни амандмани со кои сакаат, како што велат, да го подобрат Уставот. Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе одлучуваат како ќе постапуваат понатаму и сметаат дека подобро ќе било доколку во расправаат учествуваа сите пратеници. Алијансата за Албанците врз основа на дискусијата ќе одлучи како ќе гласаат на крај. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не учествува во работата на Собранието во постапката за уставните измени. Премиерот Зоран Заев неодамна изрази уверување дека ќе добие целосна поддршка од пратениците за уставните амандмани и дека процесот ќе се заокружи околу средината на јануари 2019 година.

На пратениците им останува уште една можност да поднесуваат амандмани на предлог-амандманите за пленарната седница. Тоа може да го сторат најдоцна осум дена пред почетокот на седницата, која е закажана за 9 јануари. За усвојување на уставните измени во третата фаза потребно е двотретинско мнозинство.

Пратеничката Нола Исмајловска-Старова од независната група на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека тие допрва ќе расправаат за тоа како ќе постапуваат понатаму и дали ќе поднесат дополнителни амандмани. Таа вели дека расправата за уставните измени ќе биде подобра, доколку учествуваат сите пратенички групи.

„Мислам дека ќе беше добро ако и другите колеги имаа забелешки да се зборува за тоа, но тие решија да напуштат, затоа што кога уставните амандмани влегоа во дебата имаше некои интересни забелешки и тие се вградија и навистина некои работи изгледаат подобро, но секој различно ја доживува сериозноста на процесот“, вели Исмајловска

Од независната група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека усвојувањето на нивната забелешка на уставниот законик е уште една гаранција дека нема да се случи истото како кога Грција и стави вето на Македонија во 2009.

Пратеникот Фадил Зендели од Беса вели дека во овој период сакаа да придонесат четирите уставни амандмани да се подобрат. Нивниот амандман кој се однесува на Преамбулата не е усвоен. А за забелешката што се однесува на дијаспората, владата прифати една козметичка корекција, но не може да се ослободи од концептот дека секаде мора прво да бидат Македонците, па сите други, вели Зендели.

„Ние и во оваа насока мислиме и во натамошната дебата да има подобрување на овој амандман во насока дека не треба во дијаспората да правиме разлики меѓу Македонци, Албанци, Бошњаци ...., туку сите граѓани од нашата дијаспората треба да ги третираме на ист начин. И она што ние веќе го имаме во Преамбулата на Уставот каде што сите заедници се спомнати таму, во таа насока би требало и овој амандман да се уреди“, вели Зендели.

Тој вели дека ќе ја искористат можноста повторно да достават забелешки.

„Ние веќе ги имаме подготвено нашите амандмани и би требало овие денови да бидат доставени до службите на Собранието и кога ќе почне постапката за амандманите, тогаш ќе може да ги дебатираме, да образложиме дека може да понудиме подобри решенија за иднината на оваа држава“, вели пратеникот Зендели.

Пратеникот Зијадин Села од Алијансата за Албанците за РСЕ пред два дена изјави дека ќе видат како ќе тече дискусијата, што од нивните забелешки ќе биде прифатено, па ќе одлучат како ќе гласаат. Неговата коалиција има тројца пратеници кои гласаа „за“ отворање на Уставот во првата фаза.

На комисиска расправа прво поминаа четирите предлог амандмани поднесени од владата за измени на Уставот. Потоа беа усвоени три од предложените седум амандмани на Предлог уставниот закон. Пратениците го усвоија амандманот со кој уставните амандмани не важат доколку Грција не ја исполни својата обврска од Договорот за името. Со преформулација е прифатен и амандманот со кој се прифаќа дека Македонија има нов сосед Република Косово. Прифатен е и амандманот со кој се става јасна дистинкција меѓу државјанството и етничката припадност на граѓаните на Република Македонија.

Според досегашните предвидувања на аналитичари, извесно е дека во јануари уставните измени ќе поминат во Собранието, но неизвесно е кој се ќе гласа за нив. Тие очекуваат и зголемување на владиното мнозинство со други пратеници.