Буџет - повторно „реални“ планови за капитални инвестиции

Во Собранието се расправа за идниот буџет. И за следната година владата има големи амбиции кога станува збор за капиталните инвестиции, и покрај тоа што годинава бројките за таа ставка се поразителни. Проблеми при реализацијата ќе има оти желбите се нереални и се пријавени проекти кои не се подготвени, велат упатените.

За следната година владата во буџетот предвидува 26 милијарди денари за капитални инвестиции или 426 милиони евра. Предвидени се пари за пруги, патишта, гасификација, болници, градинки и училишта и други инфраструктурни проекти. За догодина се планирани повеќе пари за капитални инвестиции отколку што се предвидуваа за годинава, но и тие не се реализираа ниту до половина.

За годинава првично беа предвидени 392 милиони евра за капитални инвестиции, но со ребалансот на буџетот се намалија на 300 милиони евра. Сепак, и од овие скратени пари, до октомври се инвестирани само 41 отсто, односно 123 милиони евра.

Поранешниот гувернер на Народна банка, Петар Гошев, вели дека никогаш капиталните инвестиции не се реализираат согласно предвиденото, па очекува и следната година да има проблеми во реализацијата. Тој како еден од главните виновници за ваквата состојба го лоцира во неефикасните институции.

„Од процесот на планирање, од почетната фаза до крајот има проблеми во самиот циклус. Има проблеми во самото планирање на проектите, има нереално пријавени желби, има пријавено проекти за изградба коишто не се подготвени за отпочнување и тоа е проблем кој постојано се повторува“, вели Гошев.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека сегашната влада требало само да не го следи чекорот на претходната и ќе била успешна. Тој вели дека требало да се направи реформа на она што го наследиле од претходните власти.

„Вложувањата во јавниот сектор, иако се стара болка, најслаб резултат покажа оваа влада и тие минимални пари што ги вложува за јавни вложувања не може да ги оствари“, вели Хајредини.

Тој ги критикува и изјавите на власта според кои, иако имало мала реализација на капиталните инвестиции преку цела години, тоа ќе се надополнело кон крајот на годината. Хајредини вели дека тоа не е можно.

Тој им забележува и на тоа што не ги скратиле трошењата.

„Ако претходната влада немилосрдно трошела, зошто оваа кога предвидува и повеќе пари, плус од тие што биле безмилосно трошени, а предвидуваат уште 300 милиони плус од тоа, што значи дека обезбедуваат услови безмилосно да трошат и да направат некои популистички чекори. Треба да се остави сам бизнисот и стопанствениците да работат, а не да се одвојуваат пари за нив и да велат - еве им помагаме“, вели тој.

За патна и железничка инфраструктура следната година планирано е да се потрошат 5,2 милијарди денари. Железничката инфраструктура е приоритет со години. Така следната година ќе се подобрува пругата Коридор 10, ќе се работи на рехабилитација на пруга Коридор 8 и тоа од Куманово до Бељаковце, а ќе се гради и нова од Бељаковце до Крива Паланка. За инвестиции во железничка инфраструктура се предвидуваат 61,3 милиони евра. И гасификацијата е уште еден долгонајавуван проект. За 2019 за оваа ставка се планирани 24,5 милиони евра. Со нив ќе се работи на делницата Клечовце – Штип, потоа на делниците Штип – Неготино – Битола и Скопје -Тетово – Гостивар.

Во државната каса за идната година има пари за ,исто така, долгонајавуваните Клинички центри во Скопје и во Штип. За двата проекти се планирани 9,5 милиони евра, што е помалку од претходно предвидуваните пари за ова намена. Засега сè уште не е утврдена локацијата на која ќе се гради новиот Клинички центар во Скопје.

За инвестиции во енергетска и комунална инфраструктура планирани се 5,5 милијарди денари. За уредување на технолошко индустриските развојни зони планирани се 631 милиони денари. За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 2,8 милијарди денари. Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 3,3 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства, соопштуваат од Министерството за Финансии.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат дека оваа влада не направила нови проекти, туку само ги продолжила постојните, но и тие не се завршени.

За догодина државната каса е проектирана на историски највисоко ниво, од 3,7 милијарди евра.

При презентациите на предлог буџетот премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски објаснуваа дека сега работите кои ги кочеа капиталните инвестиции се отстранети.