Во Македонија, 83 насто од младите на возраст од 16 до 29 години живеат со своите родители, покажуваат истражувањата на Европската агенција за статистика (Евростат). Овој удел е многу поголем кај младите мажи и изнесува 96,6 отсто, додека кај девојките е само 68,5 отсто. Според социолозите, повеќе социјално-економски причини придонесуваат младите Македонци тешко да се осамостојат.
„Првото е традицијата. Во Македонија нема таква традиција како во западните демократии, а тоа е дека детето на одредена возраст треба да се повлече од дома да стане студент или да се вработи и да ја земе судбината во свои раце. Вториот момент е поврзан со социјално-економската политика во земјава. Односно неможноста да се обезбеди работно место коешто нуди доволно можности и поволности за да може да се живее самостојно”, вели социологот Ѓорги Тоновски.
На ова се надоврзува и фактот што постојат различни типови на млади луѓе, додава Тоновски.
„Едните се разгалени кои не можат да замислат дека би се снашле сами, други заради тоа што не знаат како да се носат со својата осаменост, трети се оние кои родителите ги држат затоа што сметаат дека детето треба да остане со нив се додека тие не проценат дека е време да го пуштат”, вели Тоновски.
Економистите, пак, уверуваат дека економскиот фактор е клучен за оваа појава која е во пораст.
„Младите живеат со родителите, бидејќи единствено на тој начин можат да преживеат, со старите. Со тоа што друг се грижи за плаќањето сметки, за обезбедување храна итн. Економската состојба е примарна за таквата појава и тој однос родители-деца”, вели професор Марија Зарезанкова-Потевска од Факултетот за општетствени науки.
Потевска посочува дека се додека владата не направи долгорочна стратегија во која ќе вгради инструменти што ќе овозможат поголем економски развој и политики кои ќе осигурат добри работни места за младите, тенденцијата на млади луѓе кои живеат со своите родители, ќе продолжи.
„Потребни се добри економски политики што ќе значат нови вработувања, а тоа е многу тешко, бидејќи ние веќе 30 години воопшто не мислиме за стратегии, отворање на нови пазари, ново производство и нови работни места. Треба на тој план да се работи многу, но факт е дека економијата кај нас е на втор план, веднаш после политиката, односно прашањето за името и меѓуетничките прашања”, изјави Потевска.
Упатените додаваат дека појавата во која младите продолжуваат да живеат со своите родители подолг период од животот може да предизвика трајни последици во однос на осамостојувањето и градењето на личноста.
Инаку, европскиот просек на млади луѓе на оваа возраст кои се уште живеат под ист кров со родителите изнесува 68,2 отсто. Според полот, податците на Евростат покажуваат дека 73,3 отсто од европските момчиња живеат со родителите, додека кај младите жени процентот изнесува 62,9 отсто, односно разлика од 10,4 процентни поени. Според Евростат, во секоја земја-членка на ЕУ, процентот на млади жени кои живеат во родителскиот дом е помал од оној кај младите мажи.