Амандмани на Уставот - државјанството не е националност

Архивска фотографија- пленарна седница за уставните измени во прва фаза

Од седум предложени амандмани најмногу се однесуваат на додефинирање на членот во кој се наведува дека “државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија”. Од Алијансата за Албанците најавуваат дека по дискусијата ќе видат како ќе гласаат во последната фаза, а ВМРО-ДПМНЕ ќе бојкотира.

Со четири амандмани на уставниот закон пратениците во текот на дебатата за уставните измени ќе се обидат да го сменат членот во кој пишува дека “државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија”.

Такви амандмани имаат поднесено од Алијансата за Албанците, Беса, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири.

Главните дебати во натамошната собраниската процедура се очекува да се водат околу нивните амандмани и забелешки бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ќе ја бојкотира работата на Собранието во постапката за уставните измени. Тоа го најави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, а од партијата велат дека ќе останат на ставот се до последната фаза од гласањето која се очекува во средината на јануари.

Македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија го одредува државјанството, а не е етничката припадност на луѓето, вели Емилија Александрова, пратеничка од независната група на ВМРО-ДПМНЕ. Тие во нивниот предлог наведуваат по зборот „Македонија“ да се додадат зборовите „со што не ја предодредува етничката припадност на граѓаните“.

“Со тој член не се одредува етничката припадност, оти тука живеат и Роми, Албанци, Срби и останати и целта на амандманот е такво допрецизирање”, вели Александрова.

Со сличен амандман е и пратеникот од СДСМ Зеќири, а за него, вели тој, разговарал со своите колеги од мнозинството и очекува да помине.Тој конкретно предлага по членот да се наведе „што не ја определува ниту пак ја прејудицира етничката припадност на граѓаните“.

“Со таа интервенција што ја предлагам сакаме да постигнеме другите етнички заедници да не се чувствуваат инфериорно и дека некој прави нешто на нивна штета, туку секој да си може така како што си се чувствува и тоа да си стои во уставниот закон” вели Зеќири.

Но ваквиот амандман не е решение на проблемот за пратеникот од Алијансата за Албанците ,Зијадин Села. Според него ова било начин да се изманипулира јавноста

“Не е во ред некој во личните документи на граѓаните да им наметнува да бидат Македонци. Што се однесува до нашиот амандман ние предлагаме зборот македонско да се замени со зборот граѓани, значи во државјанството да стои граѓанин на Република Северна Македонија ” вели Села.

Неговата коалиција има тројца пратеници кои гласаа “за” отворање на Уставот во првата фаза. За идниот месец, кога ќе треба да се гласа, последната финална фаза од уставните измени за која повторно е потребно двотретинско мнозинство, Села вели дека ќе видат како ќе тече дискусијата, што од нивните забелешки ќе биде прифатено па ќе одлучат како ќе гласаат. Втората амандманска интервенција на Алијансата за Албанците е барањето во уставниот закон во делот во кој се набројува со кого гранични Македонија, да се внесе и Косово. Во сегашниот уставен закон наведено е дека “државната граница на Република Македонија е нејзината постојна граница со Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција и Република Србија”.

Инаку, вкупно има поднесено седум амандмани. Покрај за интервенциите во делот со државјанството и за границите, пратениците од независната пратеничка група имаат поднесено амандмани со кои бараат уставните измени да се прогласат за неважечки доколку Грција не го ратификува Договорот од Преспа.