Соединетите Американски Држави поттикнуваат повеќе пратеници да ги остават настрана партиските интереси и да останат фокусирани врз стратегиските цели на државата, рече заменикот државен секретар на САД, Џон Саливан на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев. Во пресрет на последната, трета фаза од уставните измени која треба да се случи за помалку од еден месец, високиот американски дипломат, во рамки на својата европска турнеја допатува во земјава.
САД силно го поддржуваат целосното спроведување на Договорот од Преспа кој што ќе и овозможи на Македонија да си го добие заслужено место во НАТО и Европската унија како Република Северна Македонија, рече Саливан, споменувајќи ја регионалната стабилност, безбедност и просперитет.
„Се залагаме за безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа, а Македонија е клучен дел од таа стабилност. Секако ја сметаме Македонија за лидер во регионот со оглед на нејзините заложби за мир, стабилност и соработка“, рече Саливан.
Успешната завршница на процесот на спроведување на Договорот од Преспа e нашиот билет за НАТО, рече премиерот Заев. Тој додаде дека гаранција за успешноста била инклузивноста на процесот и вграденоста на пратениците во уставните амандмани.
„Во Република Македонија создаваме услови за политички амбиент во кој ќе се овозможи реализација на Договорот од Преспа во целост, ги сведуваме ризиците на минимум и нема да ги препуштиме процесите на каква било случајност“, рече Заев.
Саливан, пак, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не изненадува руското влијание во Македонија поврзано со договорот за името, споменувајќи го и вмешувањето на Москва во американските претседателски избори во 2016 година.
„Не е тајна, на сите тука ни е познато, дека Русија се спротиставува на преспанската спогодба. Никој нема сомнежи дека Русија ќе направи се што може, во сопствен интерес, наспроти интересот што го имаат граѓаните на Македонија за да го поткопа процесот на спроведување на преспанската спогодба“, рече Саливан.
Инаку ова е втор пат заменик американски државен секретар да дојде во Македонија. Првиот пат тоа се случи во 2001 година. Саливан пред владата го пречека министерот за надворешни работи Никола Димитров, по што тој се сретна со македонскиот премиер. Во Македонија допатува од Босна и Херцеговина, а од тука заминува во Полска. Саливан претходно ги посети и Словачка, Австрија и Бугарија.