Битола отсекогаш била печалбарски град, но во последните години е зафатена од нов голем иселенички бран кој ги празни домовите, улиците и училиштата. Нема официјален податок колку битолчани заминале низ светот во потрага по подобар живот. Но, се претпоставува дека ги има неколку илјадници, пред сè млади лица и брачни парови.
Ваквата состојба се одразува и врз економијата во Битола. Според Државниот завод за статистика во Пелагонискиот регион во 2016 година новосоздадени претпријатија имало 696, во 2015- 978, а во 2011 година 1020. На годишно ниво во овој регион згаснуваат околу 700 бизниси.
Со цел развивање на претприемничкиот дух и запирање на иселувањето деновиве во Битола се одржа и трибина во организација на Младинскиот културен центар.
„Наша интенција е преку отворањето на нови бизниси да поттикнеме стоп на иселувањето на младите од државата, голем проблем што ја мачи Македонија и регионот воопшто и очекуваме дека ќе се намали бројот на млади квалитетни кадри да се иселуваат од државата“, рече Сашо Додовски од Младинскиот културен центар во Битола.
Видете и ова: Државна фотелја за своите, трета смена во фабриките за туѓитеВо Битола активни деловни субјекти минатата година имало 3841, од кои 2705 микро и 1085 мали претпријатија, 28 средни и 23 големи.
„Треба особено да се работи на развојот на претприемништвото и на мотивација на младите да формираат старт ап бизниси. Треба да најдат активна примена на тие старт ап бизниси во аутсорсинг услуги на веќе етаблираните компании во Македонија. Пратејќи ги нив и тие ќе растат по нивниот пат и ќе добиеме мултипликација на бруто домашниот производ“ , рече претприемачот Христо Кондовски.
Експертите сметаат дека на претприемничкиот дух посебно му пречат традиционалните размислувања што постојат меѓу населението дека сигурна работа е само онаа во државно.
„Генерално позитивно е што младите се одлучуваат да создадат бизниси. Но, сепак не е лесно зашто Македонија е земја сѐ уште во транзиција, излегуваме од еден минат систем каде имате пред сѐ родители дома кои викаат дај да ве вработиме некаде плата да се земате и осигурување. Во тој момент кога полека ќе го снема ваквите убедувања, кога ќе имаат и дома поддршка и од пријателите и од целокупниот систем, мислам дека ќе бидеме на добар пат“, рече Димитар Ристовски, извршен директор на Европска бизнис асоцијација.