Дали нова агенција ќе го реши проблемот со високото образование?

Архивска фотографија - Прв академски час на УКИМ, студенти,

Владата започна со процесот на формирање на Агенција за квалитетот во високото образование. Упатените велат дека се потребни ригорозни чекори, а успешноста на телото ќе зависи и од неговите надлежности и од волјата да му се одолее на политичкото влијание.

Агенцијата треба да ја сочинуваат Одбор за акредитација на високото образование, Одбор за евалуација на високото образование и директор на агенцијата. Директорот ќе го избира Собранието. Одборите ќе имаат по 15 членови и тоа по шест од редот на професорите во работен однос на јавните универзитети во земјава, по шест од Интеруниверзитетската конференција, по еден член од редот на студентите и по еден член во одборите имаат право да именуваат МАНУ и Организацијата на работодавачи на Македонија.

Професор Илија Ацески од Филозофскиот факултет на државниот УКИМ, вели дека на овој универзитет има дел групи и институти кои се добри, но како што објаснува, на најголем дел од факултетите не се студира, не се учи, и тоа е проблем, вели професор Ацески.

„Нарушен е процесот на учење, ние ако признаеме дека сме во длабока криза, тогаш вакви тела кои што ќе се формираат тие не го решаваат проблемот и знаете што се случува како ќе се додаде нешто, како ќе се промени закон, регулаторно тело,... понатаму се влошува состојбата на високото образование. Тела од ваков тип не го решаваат проблемот. Ќе го влечат проблемот со години, нешто ќе се поправи, ќе се адаптираат многу субјекти во тој процес на високо образование, но осетно нема да се подобри квалитетот“, вели Ацески.

Поранешниот министер за образование Сулејман Рушити вели дека планираната агенција може да придонесе многу да се подобри квалитетот на високото образование, но тоа зависи од надлежностите кои ќе ги има и од тоа дали ќе може целосно да дејствува без никакво влијание на политиката.

„Сите овие години не верувам дека проблемот бил дека недостигале институции, агенции и закони за да се имплементираат одредени реформи и затоа и во овој случај луѓето кои ја сочинуваат агенцијата треба да имаат волја да се подобрува квалитетот на високото образование“, вели Рушити.

Професор Ацески вели дека УКИМ треба да биде подложен на вистинска, ригорозна евалуација и, како што вели, потребни се ригорозни чекори.

„Тоа значи дека секој субјект, факултет, група во таа евалуација мора некаде да биде рангирана. Признаваме дека е криза, дека се во криза, но да се каже едноставно – тој факултет, таа група не образува кадри, нивните кадри многу малку се снаоѓаат во стопанството, не се вработуваат, се полуписмени или неписмени и тоа не значи дека мора да се затвори тој факултет или таа група, но мора да се укаже и државата да преземе ингеренции и ако продолжи и понатаму да го прави тоа, нека се соочи со тие санкции“, вели Ацески.

Тој вели дека евалуацијата треба да ја прави сериозна институција, која и по 5-6 месеци ќе евалуира и ќе укаже на проблемите.

Формирањето на новата агенција произлезе од Законот за високо образование, кој беше усвоен пред седум месеци. Според Законот, Агенцијата треба да се формира најдоцна до средината на мај следната година.