По најавите дека ќе дозволи да се изѕидаат повеќекатници во централното градско јадро во Скопје, струката и за ова прашање е поделена. Но Скопјани се противат и прашуваат дали граѓаните се сопственици на нивниот град или само им ја даваат довербата на властите низ различни мандати со години наназад.
Тие коментираат дека се зазема секоја слободна парцела во центарот, дека луѓето се помалку имаат простор каде де се движат пред зградите и оти се провлекуваат меѓу паркирани автомобили за да поминат, а децата немаат каде да си играат. Со оглед на искуствата во изминатите години во кои никнаа многу неплански градби тие велат дека и натаму не се почитува демократијата на одлучување.
„Апослутно не требаат. Сите се бориме против загадувањето на воздухот. Скопје е котлина премногу се и овие згради секаде низ Скопје и низ населбите што се направија а камо ли тоа. Навистина нема смисла. Треба да се престане и да не се изградат такви повеќекатници“.
„Да ако е модерен град мора така да биде“
„Што да ви кажам гледате што го направија Скопје. Секаде е вака, два потписа треба и да се заврши работа. Кој ќе земе пари и како не знаеме. Ние не сме тие“
„Претерано е треба ред да се стави да се намалат градбите зашто пред се нема воздух“
"Кај нас се овие згради што ги има многу а камоли уште тие да се прават"
„ Пресметајте 60 катници, тоа се преку илјада станови. Илјада жители тука да живеат и по еден автомобил секој од нив, колку ќе биде тоа тука- лудница“
„Пренатрупаност ќе предизвика уште поголема, многу возила има дали ќе има паркинг за сите. Треба да се гради на подалечни локации не во центар“ коментираат дел од граѓаните.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Како и за многу други работи струката е подделена и за оваа работа. Едни се противат на експанзијата на градби во центарот, а други ја поддржуваат намерата да се градат повеќекатници во чија предност вбројуваат дека тие ќе ја штедат површината за јавен простор долу за зеленило и паркирање.Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски вели дека на локацијата кај досегашниот паркинг се планирани повеќекатници од поодамна и оти како асоцијација немаат ништо против висококатници во центар.
Во врска со посочувањата на стручњаците дека висококатниците не треба да ја нарушат градската визура и оти локацијата треба да биде инфраструктурно опремена и да обезбедува доволно паркинг простор, Пановски вели дека за се има решение доколку се работи по прописи и ако се почитува околината.
„Став на асоцијацијата е дека за централно градско подрачје треба да се изработуваат конкурсни решенија, назависно дали е приватен инвеститор или е инвеститор државата или општината со кои би се добиле најдобри решенија за дадена локација“ вели Пановски.
Но Архитектот и професор Ѓорѓи Константиновски не мисли така. Според неговите зборови експанзијата на градење во центарот треба да престане и наместо тоа да почне да се урбанизира периферијата на градот како што е тоа и во повеќето европски градови. Тој укажува дека високатанците на локацијата спроти ГТЦ не треба да се градат бидејки сообраќајно не се изводливи.
„Треба да се избегнува ако треба да се гради да се бараат чисти локации, може и на периферија на градот да биде. Не мора се во центар да биде, грешка е ако се се струпа во градот. Ќе се поремети и сообраќајот во центарот на градот, нема да функционира добро сообраќајот во центарот, затоа нека се оди повеќе кон периферијата, а не кон центарот на градот. Ако се се гради во центар ќе се пренатрупа со објекти кои бараат да се пристапи до нив или од нив да се отпатува на друго место, ќе зголеми до тој степен сообраќајот што ќе биде пречка за функционирање на градот“, вели професорот Константиновски.
Инаку во Македонија нема закони со кои е ограничена висината на објектите што се градат како што е тоа во некои европски градови. Досега највисоката зграда во центарот на Скопје е до 24 ката.
„Во некои градови е ограничена висината заради историските споменици. Во Атина не може да се градат висококатници заради поставеноста на Акрополис, во Париз заради Ајфелова кула. Во други градови колку што знам не е така. Во светските трендови се оди на високи згради за да се ослободи делот долу на приземје за јавен простор“, вели Пановски
Во претходниот период Асоцијацијата на архитекти критикуваше дека Скопје неплански се градеше и оти имаше нарачани урбнистички решенија. Пановски вели тоа пред се го правеше државата со Скопје 2014 кога како што посочува, се менуваа закони за да се стават објекти на локации каде не им е место. Тој вели дека во актуелниот случај на оваа локацијата спроти ГТЦ од 1963 година е дадено да се гради.
Инаку последниот пример со паркинг плацот спроти Градскиот трговски центар кој по цена од 312 евра за метар квадратен го купија од државата фирмите „Фешн“ и „Обновители“ ја разбранува јавноста и поради начинот на кој се купува државно земјиште, со оглед дека не беше даден на јавно надавање.
Во врска со ова граѓаните велат дека најмногу непријатност им предизвикуваат неплански работените комплекси, а дополнуваат дека по нивен вкус е да има повеќе зелени површини.
„Сигурно не е легално туку со корупција и со врски“
„Тотален хаос е од тоа што е дозволено до тоа што се гради во Скопје“
„Зеленило е потребно паркови да си играат децата подобро е да се направи зеленило“велат граѓаните.