Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми најавува нови истраги за злоупотреба на буџетски средства поврзани со контроверзниот проект „Скопје 2014“. Во неделното интервју за нашето радио, Муареми вели дека има нулта толеранција за корупцијата и криминалот и дека во Управата се водат истраги во кои се вклучени и поранешни, но и актуелни функционери кои се огрешиле пред законот.
„Такви истраги за брзо време ќе има и други и ќе бидат поинтересни од тоа што јавно беше кажано на последната прес-конференција на Управата за финансиска полиција. Поинтересно во смисла дека износите коишто се злоупотребени, а тие се буџетски пари се многу поголеми од тие кои беа споменати за мостот Око,“ вели Муареми.
Првиот човек на финансиската полицијата ги потврдува сомневањата дека поранешни функционери и бизнисмени переле пари преку наводни мрежи на офшор компании, одлевајќи огромни средства во странство. Но за разлика од офшор компаниите кои се регистрирани во даночните раеви, Муареми вели дека парите се на сметки во европски банки, па постои обид истите преку банки на Кипар повторно да се внесат во земјата како легални пари. Иако е тешко да се докажат таквите дела, Муареми вели дека е оптимист оти постапките ќе се докажат и виновниците ќе одговараат за направените злоупотреби.
„Со оптимизам и напорна работа се стигнува до резултати. Јас заедно со мојот тим го даваме максимумот да стигнеме до тие податоци. Иако има земји кои се некооперативни и не ги даваат податоците ние сме упорни и верувам дека некои случаи со перење пари ќе расчистиме. Дали во нив ќе бидат инволвирани бизнисмени или јавни личности или политичари тоа ќе го каже самата истрага кога ќе се заврши“, вели Муареми.
Претседателката на „Транспаренси Интернешнал“ Слаѓана Тасева вели дека постапките за ваков тип кривични дела се долготрајни и тешки, па оттука и очекувањата дека украдените пари ќе се вратат и дека многу брзо ќе има резултати, според неа, се многу оптимистични.
„Таквите постапки се долготрајни и тешки, бавни, не може да очекуваме дека брзо ќе се спроведуваат и вратат парите дома. Ако не се постапува во согласност со законите и процедурите може да дојде до повреда и на законите и на човековите права“,вели Тасева.
Таа додава дека станува збор за бавни процеси, особено процесите на идентификување на имотот, идентификување дека тој е стекнат на недозволен начин итн.
Неопходно е, вели Тасева, да се воспостави добар систем за идентификување на тој имот и донесување на соодветни одлуки за враќање на истиот, кои пак би биле правосилни одлуки кај нас.
„Ние мораме дома да ја завршиме работата овде. Институциите да си ги спроведат постапките, да имаме соодветни одлуки врз основа на кои ќе бараме во странство некој да постапи или да ни врати нешто,“ потенцира Тасева.
За предметот за мостот „Око“финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, за криминал при изградбата на мостот. Осомничените ги вратиле парите, но постапката против нив продолжува. Инаку и СЈО од пред две години води предистражна постапка за „Скопје 2014“, а индиции за случајот се телефонски разговори и начинот на кој се градел.