Чие било „големото уво“ во обвинителството и во судовите?

Илустрација

По откриените системи за прислушување вградени во телефонските централи во ОЈО, упатените велат дека се работи за современи системи кои може да не се користат, може постојано да се користат или пак периодично. Системот, според нив, го одржува самата институција, но прислушуваниот материјал може да оди и на друго место.

Македонија по трет пат се соочува со афера на прислушување, откако јавното обвинителство обелодени дека од 30 септември 2016 година, па досега во два хард диска се снимала целата телефонска комуникација преку фиксната мрежа во институцијата.

Тоа се случувало без знаење на јавниот обвинител Љубомир Јовески, а процесот е во предистражна постапка. Во тоа време јавен обвинител беше Марко Зврлевски. Таква телефонска централа имало и во Основниот суд Скопје 1, но според сознанијата на Владата, таа не била ставена во функција.

Прислушувањето со телефонски централи, како во случајот со обвинителството, е различно од системот на прислушување преку телефонските оператори, вели универзитетскиот професор Стефан Буџаковски. Според него, телефонска централа е базата на која се поврзани сите локали и на одреден хард диск се снимаат сите разговори и повици. Се работи за современи системи кои, како што наведува Буџаковски може да не се користат, може постојано да се користат или пак периодично.

„Прво системот го одржува институцијата која го користи. Пример, ако е јавното обвинителство, системот му припаѓа на јавното обвинителство и е под негова директна команда или раководство. Меѓутоа, може со кабел да се премостат одредени разговори или целокупниот прислушуван материјал да оди на друго место ,односно на друг компјутер кој е надворешно поврзан или на друг начин да се користат фајлови од самиот диск за одредени потреби. Значи можна е злоупотреба во системот, а може и премостување на системот“, вели Буџаковски.

Премиерот Зоран Заев вината практично ја лоцираше кај раководните лица во институциите кои одлучуваат како ќе се употребува вградената телефонска централа. Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да поднесе одговорност за случајот и да даде оставка од функцијата. Спасовски во 2016 година беше технички министер. Од СДСМ пак, побараа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и раководството на партијата да одговорат за нивната улога во нелегалното прислушување.

По правило, според Буџаковски, вработените треба да знаат дека поради одредени причини се снимаат разговорите во самата институција.

„Треба точно да се утврди фактичката состојба на користење или злоупотреба на одредени податоци и тогаш да се лоцира вината кај раководството или надворешни служби кои не се дел од обвинителството да се процесуираат како извршени кривични дела, неовластено прислушување“, додава Буџаковски.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев вели дека се уште не е целосно јасно како се случувало прислушувањето, но, според него, тоа било спроведувано од страна на раководните лица во институциите.

„Нема кој друг, освен ако не се дојде до правиот нарачател или извршител. Дали е тоа УБК или некои други агенции. Тоа ќе покаже истрагата, веројатно ќе се дојде до некои сознанија. Меѓутоа, не е можно тоа да биде без знаење на непосредните раководители и во судот и во обвинителството“, смета Илиев.

Буџаковски порачува дека ова се случува повторно, бидејќи ниту едно прислушување не е во целост расчистено, односно зошто, како и кој прислушувал.

Првата афера „Големото уво“ избувна при крајот на 2000 година кога беше откриено дека министерството за внатрешни работи прислушувало стотици политичари, новинари и дипломати. Втората афера ја обелодени СДСМ во 2015 година преку објавување на таканаречените бомби што резултираше со формирањето на СЈО.