Иванов во Турција по шести пат годинава

Архивска фотографија- Средба на претседателот Ѓорге Иванов со турскиот пртседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул

Оваа година претседателот Ѓорге Иванов, со различни поводи, шест пати ја посети Турција. Според обајвеното на неговата официјална интернет страница, тој се сретнал и со колегите од Чешка, Унгарија, Полска и неколку други земји, а чести контакти имал и со јорданскиот крал Абдула.

Претседателот Ѓорге Иванов деновиве е во посета на Турција. Ова е шеста негова посета во оваа 2018 година на земјата со која раководи Реџеп Таип Ердоган. Иванов во Турција бил во февруари, април, мај, јули, октомври и сега во ноември.

Чудно е зошто толку чести посети на една земја, но коментарите која е причината за нив може да бидат само шпекулација, вели Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

Навистина, шест посети во период од една година се многу, а и не знам која е целта да се посетува иста земја со толку голем интензитет” вели Гаџовски.

Иванов во Турција оди со различни причини. Сега е на деветтиот самит Босфор што се одржува во Истанбул. Во истиот град беше и пред речиси еден месец, на церемонијата на отворање на новиот аеродром. Претходно летово во Турција отпатува за инаугурацијата на турскиот претседател Ердоган. И пролетта шефот на државата беше во истата земја- во Истанбул учествуваше на бизнис настан во април, а потоа во мај отиде во друг турски град Сивас, за да го прими почесниот докторат. Македонскиот претседател и годината речиси ја почна со посета на Турција, па во февруари беше на средба со претседателот Ердоган.

Двете претходни години, 2017 и 2016 година, ако се земат податоците објавени на официјална интернет страница на претседателот на Република Македонија, тој заминувал во истата земја, но поретко- лани бил два пати, а претходната година еднаш.

Средби со колеги од Полска и Чешка

Од прегледот на посетите и средбите во странство во трите последни години од неговиот мандат, може да се добие слика за надворешно политичките активности на претседателот. Освен заминувањето на церемонијални настани од типот на неодамнешниот, кога беше во Париз на одбележувањето на сто години од крајот на Првата светска војна, или пак форуми и процеси на кои се поканети сите земји од регионот, Иванов од европските колеги се гледал со тие од регионот, а од подалечните со лидерите на Чешка, Полска, Молдавија и Азербејџан.

“Ние би имале интерес доколку претседателот е многу почест гостин во Брисел, Вашингтон или Берлин. Мислам дека овие средби се остваруваат најверојатно зошто овие државници и го примаат на средби претседателот Иванов” вели Гаџовски.

Тој во почетокот на минатиот месец беше во посета на чешкиот претседател Милош Земан. Летоска, пак, замина и во Молдавија, а истиот месец ја посети и Словачка, во рамки на манифестацијата Денови на Свети Кирил и Методиј. Годинава македонскиот претседател беше и во САД на Годишното Собрание на Обединетите нации и во Азербејџан, на глобалниот форум во Баку, на кој е редовен посетитетел. Во последниве три години се сретнал и со претседателот на Полска, а од подалеку интересни се средбите со првите луѓе на Јордан и Египет.

Еднаш годишно со јорданскиот крал

Месецов претседателот беше и во Јордан и таму се сретна со јорданскиот крал Абдула Втори. Тој со него се сретнал и лани во мај, а по таа средба и заклучил дека Македонија и Јордан имаат напредок во сферата на разузнавањето и размената на информации. Иванов со Абдула Втори се сретна и во 2016 година, кога оцени дека пријателските односи треба да се пресликаат и во економијата и во безбедноста.

Два пати тој се сретнал и со колегата од Египет, а слично како и со Јордан темата беше безбедносни прашања. Во почетокот на 2017 година Иванов во Каиро се сретна со претседателот на Арапската Република Египет, Абдел Фатах Ал–Сиси со кого разговараше за воспоставената соработка меѓу разузнавањето и безбедносните служби. Таму беше и во март 2016 година

Не ги знаеме точните теми на разговор, но добро е да се разговара за безбедносни прашања со сите, вели Злате Димовски, професор по разузнавање, тероризам и криминалистика на Универзитетот Свети Климент Охридски.

“Но тоа што би можело да биде предмет на разговор со овие две земји би бил таканаречениот феномен на странски борци. Размената на информации со земји кои се многу поблиску до таканаречените жаришта на кои одат, може да ни помогне во делот на нивна идентификација за да се преземат идни мерки во случај тие да се вратат во Македонија” вели Димовски.

Во последните три години македонскиот претседател има уште неколку важни посети во странство како онаа на Руската федерација. Во мај 2017 година тој беше на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Тогаш двајцата политичари, како што беше соопштено, разговарале за состојбата во Македонија и во регионот, за економската соработка и за црквата.

На 20 март лани претседателот беше и во Унгарија. Таму беше примен од претседателот на Унгарија Јанош Адер на кому Иванов тогаш и јавно му се заблагодари за неговата иницијатива за отфрлање на таканаречената тиранска платформа. Покрај во овие земји, претседателот Иванов во овие последни години бил и во Бразил на отворање на македонската амбасада и во неколку други земји.