Без контрола врз разузнавањето, може да се повтори „Прислушувањето“

Промоција на публикација „Насоки за надзор над разузнавањето“

Без собраниска и граѓанска контрола на прислушувањето може да ни се повтори историјата, предупредуваат од меѓународната заедница. Тие посочуваат дека следните 6 месеци се клучни за спроведувањето на реформите кои треба да ја донесат Македонија на чекор од почеток на преговори со ЕУ.

Надзорот врз безбедносните и разузнавачките служби е клучен за да се зајакне и ефикасноста на контролата врз службите за да се одбегне злоупотреба каква што се случи со аферата со прислушувањето. Ова го посочија претставниците на меѓународната заедница на денешната промоција на прирачник за насоки за надзор во Собранието.

Претставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија кој е одговорен за политички прашања, Лукаш Холуб посочи дека честопати се покажало дека историјата се повторува, но сега тоа е во рацете парламентарниот надзор и дека се надева оти тоа нема да се случи.

Мора да ни биде јасно, следните 6 до 7 месеци се суштински за иднината на вашата земја. Знам дека некои од вас и можеби и некои од граѓаните се изморени од оваа фраза и ги разбирам. Во изминативе три години забележавте многу промени коишто беа многу важни за вашата земја. И ние од меѓународната заедница го повторивме ова во голем број наврати. Суштината е дека можеби сите политички партии ја поддржувате евроинтеграцијата и вие сте поблиску до членство во ЕУ од кога било претходно и затоа е време да ги засукате ракавите и да вложите огромен напор за подобрување на условите за живеење на граѓаните“, вели Холуб.

Тој вели дека системот за разузнавање во многу земји често бил предмет на злоупотреби, како што е и „драматичниот македонски пример“ со масовно незаконско прислушување кое беше еден од симптомите на сериозната политичка криза. Тој пример, според него, покажа огромна злоупотреба на моќ сконцетрирана во една институција, а беше последица на сериозно непочитување на механизмите за надзор. Членовите кои беа назначени за следење на УБК не покажаа сериозни резултати и имаше техничка злоупотреба на самата институција, вели Холуб.

Емил Димитриев, кој беше и поранешен привремен премиер поради аферата со прислушување, сега е претседател на Комисијата за надзор на мерката за следење на комуникации. Тој вели дека на оваа позиција го чека многу работа.

„Пред година и половина, кога го презедов раководењето на комисијата, наследив два листа Деловник за работа на комисијата и искуство од вршење на контроли во системот за безбедност кој се сведуваше на пиење на кафе и ништо друго. Мојата комисија беше ретка комисија која немаше никаква техничка поддршка од персонал, што само по себе покажува каков бил фокусот на оваа комисијата за работата во претходниот период. Бев потполно свесен дека сум на самиот почеток дека следи многу труд и работа за да ја подигнеме ова комисија на ниво на кое што ќе се разликува од досегашното“, изјави Димитриев по говорот на неговиот сопартиец Трајко Вељаноски.

Вељаноски, пак, од друга страна, кој за време на мандатот на претходната комисија беше претседател на Собранието, сега од позиција на претседател на друга комисија, оваа за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање, изјави дека постоечкиот досегашен модел во јавноста „оставил впечаток како слаб и неприменлив во практиката“.

„Актуелните и актуелниве случувања во Македонија се доволна причина за темелна ревизија на безбедносните структури на државата. Собранието треба да ја има моќта и капацитетот за да воспостави контрола врз овие служби. Неопходно е да се избегне каква било политизација или вклученост на службите во политички игри“, вели Вељаноски.

Холуб посочува дека денес е воспоставена нова оперативно техничка агенција која треба да ги надмине досегашните проблеми, а судскиот систем сега има клучна улога во процесот и справувањето со последиците. Но, тој додава и дека се потребни и дополнителни напори за да се постигнат резултати, да се обучи персонал и да се направи промена и во парламентарниот дом, а пратениците да ја искористат оваа алатка за надзор за да спречат повторување на проблемите.

Програмата за реформи во разузнавачкиот сектор, која е и финансиски поддржана од Велика Британија и Холандија ќе се спроведува три години во соработка со Центарот за демократска контрола на вооружените сили од Женева. Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп се надева дека насоките кои се изготвени ќе помогнат во редовен парламентарен надзор за добро управување со системот.

Постои еден јаз меѓу практиката и законодавството кој мора да се надмине и денешниот настан е еден чекор напред во надминување на овој јаз. Се уште има работа која треба да се реализира. Мора да се воспостави и граѓански совет за надзор кој треба да биде функционален. Правилата мора да се применуваат и во практиката“, вели Пломп

Со новиот закон за следење на комуникациите кој беше донесен со висок степен на консензус и конструктивност на опозицијата, ќе се формира граѓански совет за надзор, тело кое е надвор од парламентот и кое тесно ќе соработува со Комисијата за следење на комуникациите, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој додаде дека новина е и можноста секој граѓанин кој се сомнева дека му се прислушуваат разговорите да може да поднесе претставка до Советот на надлежната комисија која ќе утврдува дали имало прекршок.

Во Собранието има три комисии кои имаат надлежност врз безбедносните и разузнавачките служби: Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата зад надзор на примената на специјална истражна мерка следење на комуникациите.