МВР или не знае, или не кажува како избега Груевски

Архивска фотографија- Никола Груевски во увид на градежните активности на автопатот Миладиновци-Штип

Министерството за внатрешни работи 12 дена по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски не излезе во јавноста со објаснување како тој на напуштил Македонија и кои се нивните пропусти. Упатените велат дека досега требаше да се знаат деталите.

Дванаесет дена откако поранешниот македонски премиер Никола Груевски излегол од Албанија и преку Црна Гора и Србија стасал до Унгарија, македонската полиција се уште не соопштува како излегол од Македонија и стигнал на територијата на западниот сосед.

Кога ќе заврши истрагата соодветно ќе ја информираме јавноста”, велат и денеска од министерството за внатрешни работи.

И првиот човек на полицијата Оливер Спасовски вчера не кажа детали. Тој рече дека сите гранични премини биле известени дека Груевски не смее да ја минува границата, ниту со лична карта. Тоа се информациите кои засега може да се споделат со јавноста, рече Спасовски.

Но, според Стефан Буџакоски, професор на Факултетот за општествени науки, кој порано работел во Министерството за внатрешни работи полицијата доцни со истрагата.

Ако поминал легално, со лична карта, тоа се проверува веднаш, во системот, вели Буџакоски, кој додава дека и да патувал и излегол илегално, заради специфичноста на случајот, МВР веќе требало да излезе со информации.

Полицијата мора не само преку камерите што се наоѓаат на патарините по патот, туку и со другите можни оперативни средства што ги има на располагање да утврди на кој начин поминал, кој пат го користел, кои му биле помагачи итн.., така што полицијата многу доцни во однос на информациите”, вели Буџакоски.

За излезот од Македонија засега постојат две варијанти. Првата ја навести министерот за внатрешни работи Спасовски веднаш откако осудениот поранешен премиер објави дека е во Будимпешта. Тој минатата недела рече дека на „на ниту еден премин нема поминато лицето Никола Груевски“ со што се укажувало дека поминал на илегални премини.

И албанските медиуми кои се повикуваат на нивни полициски извори тврдат дека Груевски во Албанија влегол нелегално и тоа во близина на граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница кај Дебар.

Другата верзија е на српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој пак тврди дека на 11 ноември во текот на ноќта, оградувајќи се дека немаат сопствени податоци, туку нивни процени, меѓу еден и два часот по полноќ Груевски влегол во Албанија легитимирајќи се и во придружба на две лица од унгарска националност. Ова би значело дека и македонската граница тој ја минал легално.

За бегството на Груевски има и други неодговорени прашања за кои МВР и обвинителството имаат отворено сопствени истраги. Дел од нив се зошто немало процени за евентуалната ваква постапка, зошто полициските службеници кои го обезбедуваа како поранешен премиер не јавиле дека немаат контакт со него неколку дена, дали се доцнеше со домашната и меѓународната потерница која, пак, беше издадена откако тој веќе пиша дека е во Будимпешта.

„Ако имале какви било информации требало скриено и дискретно да се набљудува целокупната состојба. Тоа значи дека полицијата не се поставила онака како што треба, бидејќи полицијата нема само репресивна туку и превентивна функција. Тоа не значи дека треба да има класично следење согласно Законот за кривична постапка кога има ПИ мерки, туку на друго дискретно следење, кога полицијата следи на пример и со самото присуство на сообраќајната полиција кој каде се движи”, вели Буџакоски.

Инаку, полициите на Албанија и на Црна Гора веднаш соопштија каде и како Груевски влегол и излегол од нивните територии. Секторот за граница и миграција на албанската државна полиција наведе дека поранешниот премиер со автомобил во сопственост на амбасадата на Унгарија ја напуштил Албанија преку преминот „Хан Хоти-Муриќан“, во 19:11 часот влегол во Црна Гора. Црногорското МВР пак соопшти дека Груевски влегол на нивна територија на 11 ноември и истиот ден излегол од земјата.

Неколку дена подоцна српскиот претседател Вучиќ читајќи соопштение од нивните служби рече дека на 12-ти ноември некаде околу 22.30 Груевски влегол на преминот Гостун во Србија со регуларна лична карта во придружба на две лица, а во 05.11 часот ја напуштил Србија на преминот Хоргош со пропусница бр. 100.501 издадена во Тирана, со лична карта и во придружба на лица со дипломатски документи и дипломатско возило.