Достапни линкови

Бегството на Груевски - „тест“ за меѓусоседските односи


Дел од аналитичарите предупредуваат дека случувањата со бегството на Груевски можат да ги разнишаат односите на Македонија со соседите. Други, пак, сметаат дека нема причина за такво нешто и дека тоа не ја менува меѓународната позиција на земјата која претендира да стане членка на ЕУ и НАТО

Домашните аналитичари имаат поделени ставови околу тоа дали и како случувањата поврзани со бегството на Никола Груевски ќе се одразат на односите со соседните земји. Политичкиот аналитичар и актуелен претседател на Евроатланскиот Совет во земјава, Исмет Рамадани вели дека нема причина за влошување на меѓусоседските односи, иако Груевски поминал низ Албанија, Црна Гора и Србија за да стигне до Унгарија.

„Јас мислам дека ние не треба да дадеме повод или да преземеме активност за да ги влошиме односите со соседите, без разлика што тој поминал низ Албанија, Црна Гора и Србија, затоа што денот кога тој поминал немало меѓународна потерница и неговото движење не било ограничено. Во однос на ангажирањето на унгарската дипломатија мислам дека сепак нешто е преземено и треба сериозно да се разговара за нивното однесување и одговорност“, вели Рамадани.

За разлика од Рамадани, поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека случувањата веќе имаат влијание врз односите со соседните земји. Според него загрижува дефанзивниот однос на македонската влада во однос на соседните земји.

„Пасивноста што македонската влада ја избира како тактика, некако како да ја амнестира Македонија од ситуација на судир со соседите. Сега за сега реакцијата е сведена само до унгарската страна, и мене лично ме чуди дефанзивниот однос кон Србија. Факт е дека тоа е најголемата територија која бегалецот ја поминал и досега да не се побара реакција од Србија за мене е нон сенс“, вели Јањатов.

Според Јањатов, македонската страна морала да воспостави контакти и да преземе конкретни мерки уште првиот ден кога стана јасно дека Груевски не е во земјата. Според дипломатот ваквите случувања покрај тоа што ја влошуваат меѓународната позиција на Македонија која претендира да стане земја членка на Унијата, може да влијаат на односите со Грција.

„Таму е многу дискутабилен процесот на гласање на ратификација на спогодбата. Ова може некого да го поколеба, да не гласа! Така што, постојат низа опасности што можат да ја влошат положбата на Македонија и во однос на Грција“, вели Јањатов.

Рамадани пак нè очекува влошување на меѓународната позиција на Македонија, која пак се стреми за членство во евроатланските структури.

„И Европската унија знае дека ние сме излезени од една заробена држава и заробени институции и ги правиме првите чекори да се нормализираат институциите, односно судството и во тој однос ќе имаат разбирање. Бидејќи сепак се работи за поранешен висок функционер кој знаат и тие, дека во секоја прилика може да се организира со оние со кои имал контакти додека бил премиер на државата“, вели Рамадани.

Во меѓувреме унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по вчерашниот состанок на министрите во ЕУ порача дека ниеден колега не го покренал прашањето за азилот на Груевски. Како одговор на новинарско прашање, Сијарто рече дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски изразил желба да поднесе барање за азил во унгарска амбасада, но владата на Унгарија немала никаква улога во неговото доаѓање.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG