Чиста животна средина е обврска и одговорност на сите граѓани на Куманово, а толку многу заталкавме во отпадот, што и нашиот град и државава секоја минута се чини стануваат се поголема депонија. Решение веројатно има, но кој, како и од каде да почне, за сега е непознаница. Запрашаните кумановци велат дека треба да се започне од дома, од покажување личен пример на децата, со едукации во училиштата, но и со организирање општа акција да се исчисти расфрланиот смет и отпад, а потоа и со „удирање“ по џебот.
„Може да помогнат разговори со учениците на одделенските часови, со нивните родители на родителските средби за да се развие свеста кај децата дека не треба сметот да се фрла на јавни површини, туку на одредени места. Доколку свеста не се развие во одреден временски период треба да се преземат и други мерки за подобро и почисто Куманово“, вели Зоран Ивановски, професор во кумановската Гимназија.
„И тоа очигледно треба да биде еден процес во кој треба да бидат вклучени сите сегменти, од надлежни министерства, родители, учители, професори, бидејќи колку и да работат комуналните претпријатија ако домашна култура и воспитание, односно да знаеме сметот се фрла во канта, а не на улица и ако не го почитуваме и просторот на оној до нас и животната средина ништо нема да направиме. Потребно е да се преземат активности, обуки, семинари, покажување на лице место на малите генерации“, вели Горан Стојковски
„Првин мислам дека треба едукативно да се делува на граѓаните, доколку тоа не даде резултати, казните се единствено решение да не се прави тоа. Попусти се медиумските апели и информирање, оти очигледно нема позитивен ефект кај граѓаните. Казните се нешто последно“, Драган Ивановски.
„Комуналните инспектори треба почесто да се на терен, да надгледуваат и да пишуваат пријави и казни, зашто докажано е дека кај нашиот народ само санкциите помагаат“, вели Снежа Петковска.
Упатените велат дека комунални инспектори нема доволно за да стасаат секаде, оти најголемата локална самоуправа во државава опфаќа и голем простор, а сметот се фрла буквално на секоја педа од земјата. Но, доколку би се организирала и јавната администрација, за која се смета дека е прекубројна, па еден ден во седмица да излезе на терен, да забележува и да фотографира, можеби нешто би се сменило во однесувањето на граѓаните.
„Ова го сметам за една добра идеја која би можеле да ја реализираме заедно со останатите институции. Ние размислуваме нашите вработени во администрацијата еден од неработните денови да излеземе и да ги чистиме градските гробишта. Но ова е добра идеја и навистина може да ја реализираме, но за надгледување тешко ќе може бидејќи е голем просторот. И доколку се врши надгледување тие немаат законска можност да преземаат било какви мерки. Тоа треба да го врши СВР заедно со комуналната инспекција која во наредниот период треба да го зголеми својот капацитет со комунални редари“, вели Даниел Стојчевски директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Тој појаснува дека и покрај настојувањата на претпријатието градот да се исчисти и покрај поставените садови за смет, кои не ретко се уништувани и оштетувани во централното градско подрачје, за жал сметот се „размножува“ секаде каде што ќе стапне човечка нога.