Дали и колку Македонија е технички подготвена за зачленување во НАТО? Какви се нашите способности, постигнувања и идните планови за учество во мировните мисии, се главните теми за кои денеска дискутираат воените претставници на сите земји членки на НАТО, а во рамки на сесијата на Воениот комитет на Алијансата. Посетата на Воениот комитет се одржува во Скопје, на покана на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Според надлежните ова е историска посета, бидејќи за прв пат делегација на Воениот комитет на НАТО доаѓа во земјава. Воениот комитет го предводи заменик претседавачот генерал-потполковник Стивен Шепро, a Македонија на масата со воените претставници ќе ја претставува генерал мајор Васко Ѓурчиновски.
За време на посетата, претставниците на Воениот комитет на НАТО, ќе бидат запознати со постигнувањата, подготвеноста и идните планови на Република Македонија – АРМ за полноправно членство во Алијансата, соопштија од АРМ, додавајќи дека се работи за исклучиво воен настан од затворен тип. На настанот не се предвидени прием и учество на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов.
Во текот на утрешниот ден пак во касарната „Илинден“ во Скопје планирана е и вежба за демонстрација на оперативните способности, опремата и техниката на дел од декларираните единици од Здружената оперативна команда.
Покрај претставниците на воениот комитет, ќе присуствуваат и членови на Меѓународниот воен штаб, а кон активностите ќе се приклучат претставници на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, претставници од АРМ и најверојатно борбените аташеа на земјите членки на НАТО во Скопје.
Воениот комитет на НАТО е најстаро постојано тело во НАТО, заедно со Северноатланскиот совет. Тој е еден од клучните елементи во воената структура на НАТО составен од началниците (шефовите на одбрана на земјите членки на НАТО).Овој комитет прави воени проценки, планови, прашања и препораки и анализа земајќи ги предвид ставовите на секоја земја членка. Воениот комитет на НАТО, меѓу другото, служи како врска меѓу политичките лидери на НАТО и двата стратегиски команданти. Комитетот на ниво на началницисе состанува три пати годишно, додека воените претставници на НАТО земјите најмалку еднаш седмично.