Слаб Балкан - силен Путин

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нестабилноста на Балканот како оружје во рацете на Путин

Москва не се грижи за просперитетот на Македонија, Србија, БиХ..., бидејќи ѝ треба нестабилен Балкан за да ги оствари своите цели кои немаат врска со мир и безбедност, заклучија дел од учесниците на Форумот за безбедност во Белград, а се сложуваат и поголем дел и од македонските експерти.

Русија има малку што да му понуди на Балканот, па затоа се обидува да предизвикуваа фрустрации и саботажи во земјите од тој регион кои јасно се изјасниле дека се западно ориентирани. Во таа своја балканска стратегија Москва ја користи религиозната, идеолошката и енергетската поврзаност со Балканот, но и пропагандата, вели австрискиот дипломат и поранешен специјален пратеник на ЕУ за Балканот, Штефан Лене.

Тој ова го истакна на неодамнешниот Безбедносен форум во Белград, на кој учествуваа над 700 аналитичари, политичари, дипломати и безбедносни експерти, и чија дискусија, меѓу другото, се фокусираше и на руското влијание на Балканот, како дел од политичката борба на Москва со Западот.

Нестабилноста во служба на Путин

Тезата која учесниците на Форумот во Белград ја застапуваа е дека Русија со тензии во Западен Балкан, а со тоа и во Македонија, сака да го наметне своето влијание, а се со цел да ги оствари своите интереси кои, како што заклучија дел од експертите на Форумот, немаат врска со „мирен и просперитетен Балкан“.

Дека нестабилен Балкан му одговара на Кремљ, се сложува и директорката на македонскиот Центар за европски политики, Симонида Кацарска, која учествуваше на форумот. Таа во интервју за Радио Слободна Европа вели дека оваа теза во регионот е присутна веќе подолг период.

„Таа теза е подолго време присутна и во академските кругови и меѓу истражувачите на јавните политики, но од наш аспект, ако ние си погледнеме во сопствениот двор, очигледно е дека околу дискусијата за примената на Преспанскиот договор како и потенцијалното членство на Македонија во НАТО, кое следува како резултат на имплементацијата на тој договор, постои несогласување од Руската федерација во однос на начинот на кој што го гледаат македонското членство во Алијансата и самиот процес што води кон тоа членство“, изјави Кацарска во интервју за РСЕ.

На истиот форум дебатираше и Павел Лужин, признат политички аналитичар, специјализиран за Русија и Блискиот Исток, според кого, единственото нешто за кое Москва се грижи на Балканот е да прави проблеми и да предизвикува неволји. Тој нагласува дека целта и е да го уништува интегритетот на НАТО и на ЕУ за себеси да се постави како посилен фактор на влијание, а не да се грижи за една од примарните цели - безбедност и напредок на регионот.

Ако падне надвор, Путин ќе падне и дома

„На тој начин Москва сака да си ги реализира интересите. Таа не е заинтересирана за просперитетот на Балканот. Русија сака да биде супер-сила, не само поради односите на големите политички сили, туку и поради домашните политички прилики. Доколку Русија не се покаже силна надвор, путиновата власт ќе ослабне и внатре во Русија“, вели Лужин, додавајќи дека е уверен оти „ни Русите не го сакаат Путин, но се плашат од него“, вели Лужин.

Кога се работи за борбата за поголемо влијание, на иста линија е и Кацарска, според која, Москва е водена од фактот дека ако запрат евроатлантските интеграции на регионот, Русија ќе стане поголем фактор од Унијата и Алијансата.

„Русија може со мала инвестиција, со мал ангажман, да влијае на интеграцијата на земјите од регионот во НАТО и во ЕУ. На тој начин таа успева да биде поголем фактор наспроти ЕУ и НАТО, имајќи ја предвид силата што ќе ја има доколку тие интегративни процеси не се случуваат“, вели Кацарска.

Дивињо: Москва да каже што е спорно што Западот сака мир и стабилност

Учесниците на Белградскиот безбедносен форум се сложни во оценката дека регионот е на фронтот на Москва против Вашингтон и Брисел и дека за подобар однос на Русија и Западот клучно е Русија да почне објективно да ги посматра намерите на ЕУ, НАТО и САД.

Според претседавачката на Воениот комитет на НАТО, Клариса Дувињо, која исто така учествуваше на Форумот, целта на НАТО денес не е само поддршка на безбедноста во Европа, туку и принципите на добрососедство и соработка, како на пример, соработката на Алијансата со Србија, која не сака членство во НАТО.

Ако и тоа не е добро за Русија, вели Дувињо, тогаш Москва мора да одговори што има спорно во грижата за европскиот мир и безбедност.