Колку сме свесни за последиците од загадениот воздух?

Загаден воздух во Скопје.

Загадувањето на воздухот е „новиот тутун“ од кој годишно умираат околу 7 милиони луѓе, а милијарди се со нарушено здравје, предупредува СЗО. Македонските градови се меѓу најзагадените во светот, но за проблемот се зборува само во услови на високи концентрации.

Проблемот со загадениот воздух во Македонија е тема која станува актуелна само при висока загаденост, главно наесен кога Скопје, Тетово или Битола се на листите на најзагадени градови во светот.

Во тие моменти за проблемот најмногу се коментира на социјалните медиуми и граѓанството тогаш бара одговорност од јавните службеници. Но ситуацијата континуирано се повторува повеќе од една деценија, а власта многу малку вложува во решавање на проблемот.

Во вакви услови дилемата е дали граѓаните доволно се свесни за ризиците за нивното здравје од загадениот воздух, ако постојано им е нарушено правото на чиста животна средина. Оценката на екологистите е дека граѓаните се грижат за своето здравје, но оти отсуствува свеста дека секој од нас, со секојдневните избори, во голема мера придонесува кон загадувањето.

Кога зборуваме за активно граѓанство, не е доволно да пишуваме само на социјални медиуми, иако тоа е потребно во одредена мерка. Секој од нас мора да стане лидер во својата заедница и да им покаже на другите како треба да се однесуваме, ако сакаме да дишеме чист воздух“, вели Невена Смилевска од граѓанската организација „Еко-свест.“

Во врска со загадениот воздух во Македонија, една од многупати повторените и загрижувачка информација е дека над 1.300 луѓе во земјава умираат од загаден воздух, како што објави пред неколку години Светската банка.

Или, пак, дека загадениот воздух секоја година ги полни болниците, особено детските клиники за белодробни заболувања, каде за време на грејната сезона бројот на пациенти е зголемен за 80 отсто деца, кои страдаат од воспаленија на дишните патишта.

Смилевска објаснува дека ако остане ваквата ситуација и ако продолжи пишувањето на социјалните мрежи за тоа кој нешто направил или не направил, вината само ќе се префрла без нешто да се постигне и сите постојано ќе дишеме загаден воздух.

Таа додава дека повикувањето на одговорност на институциите е апсолутно потребно, но според неа граѓаните можат да преземат и други акции, како на пример повеќе да се движат пеш, со велосипед, тротинет или јавен превоз, наместо да ги возат своите автомобили.

„Може да се каже дека секој граѓанин мисли оти не е до него и дека загадувањето кое го произведува е минорно и не се споредува со големите загадувачи, меѓутоа земете предвид колку возила имаме во Скопје. Во Скопје има над 130.000 возила и кога ќе ги собереме емисиите, тоа во огромна мерка придонесува кон аерозагадувањето и тоа само од транспортот“, вели Смилевска.

Загадениот воздух е новиот тутун

Според податоците на Светската здравствена организација, секој ден околу 93 проценти од децата во светот под 15-годишна возраст (1,8 милијарди деца) дишат воздух кој е толку загаден, што ги доведува под сериозен ризик нивното здравје и развој, а многу од овие деца умираат.

СЗО проценува дека во 2016 година 600.000 деца умреле од акутни инфекции на долниот дел од респираторниот систем предизвикани од загадениот воздух.

Во новиот извештај на СЗО е наведено дека кога бремените жени се изложени на загаден воздух, тие почесто раѓаат предвремено и имаат мали деца со ниска родилна тежина.

Во извештајот се вели дека аерозагадувањето исто така влијае врз нервниот развој и когнитивните способности и може да предизвика астма и рак уште во детството. Исто така ја оштетува функцијата на белите дробови кај децата, дури и во случаи на изложеност на ниски концентрации.

Загадувањето на воздухот е „новиот тутун“, предупредува генералниот директор на Светската здравствена организација д-р Тедрос Адханом Гебриес, истакнувајќи дека со единствениот чин на дишење умираат 7 милиони луѓе годишно, а здравјето им е нарушено на милијарди други.

Според СЗО повеќе од 90 отсто од светската популација страда од токсичен воздух, а истражувањата се повеќе ги откриваат влијанијата врз здравјето на луѓето, особено врз децата.