Со автентичен јазик и со писмо преполно симболика, чија смисла се наѕира во знаците со половично скриено, Ивана Настески со нагласен снажен темперамент, експресивно испишува драмски обоена поема, натопена со животните пораки на далечните предци. Тие се актуелни до ден денеска, и во својата витална суштина, претставуваат општо место на хуманитетот од сите времиња. Поемата на Ивана со страстен тон укажува на верувањата и за животот на предците суштински важни обреди, кои низ дионизиски занеси на радоста, ја слават неразделноста помеѓу Човекот и Универзумот, величејќи ја прокреативноста на Природата и на човечкиот род.
Вака Весна Тодоровиќ, историчар на уметност и ликовен критичар од Белград, соседна Србија, ќе го започне својот осврт врз актуелното творештво на Ивана Настески. Повод за ова писание е деветтата по ред самостојна изложба на македонската уметничка, што од 1 ноември ќе се одржи во Културно-информативниот центар – Скопје. Станува збор за поставка која претставува 38 дела, слики и графики, настанати во последниве неколку години каде Настески тематски се фокусирала „на танцот и на играта како важен елемент од постоењето на човекот, од праисторијата па сè до ден денес“. Притоа, во центарот на вниманието, како што истакнува таа е „жената - Богинка Мајка, како симбол на постоењето, раѓањето и плодноста како прастарото културно наследство кое што со Природата и универзумот се неразделен спој“. Згора во дополна уметничката ќе забележи дека „нејзина појдовна точка на интересирање се и самите артефакти на тлото на Македонија, околината на Тетово и тетовско вклучително и реката Пена во чија околина е пронајдена и тетовската Менада како важен симбол на антиката во чија што физичка суштина е и самата ритуална игра“.
„Сакав тие нешта, значи културното наследство во смисла на праисториски елементи, на скулптури, на тетовската Менада...да ги поврзам заедно со Божицата Мајка, заедно со Универзумот, со природата, со Сонцето како соларен елемент...тоа да ми биде појдовна точка и да ги обедини сите дела, и графиките и сликите, кои во случајов само технички се разликуваат“, вели Ивана.
Уметничката и со појаснување дека оваа изложба ги поврзува графиките коишто се настанати некаде од 2007 година до денес со сликите кои полека настанувале во истиот период, но не само тематски, туку и преку елементите што творечки ги употребува. Дека притоа како автор поминала низ еден возбудлив истражувачки процес.
„Уметноста без истражувачкиот момент мислам дека е пуста. Мора да има една симбиоза. Да има една нитка која ќе ги поврзува. Не само да се слика, или да се печати конкретно во мојот медиум само за да се печати...или ако сакате само да се слика, туку и да има истражувачки циклус. Истражувачки момент. Од една страна техниката како подрачје, меѓутоа од друга страна и она што уметникот го создава и го твори. Во оваа изложба која и нема конкретен наслов, сметав дека публиката и самата треба да биде вклучена во истражувачкиот момент. Што сакал да каже уметникот со тоа нешто? Зошто сакал да ги поврзе тие древни времиња со денешницата. Не да остане уметникот само како истражувач поединец, туку присутните сами да сакаат да прашаат нешто. Да стигнат до нови сознанија. Да имаат личен контакт со графиките. Со сликите. Да не се задоволат само од она што им е дадено“, смета Ивана Настески.
Таа ќе рече и дека на овој начин сакала да му даде еден автентичен јазик на она што го работи. Прашана, пак, колку со оваа потрага успеала да му биде блиска на она што го работи нејзиниот татко, уметникот Александар В. Настески, а сепак своја, Ивана со појаснување дека таквото сознание не ја заобиколило. Дека таа инфлуенца постои, дека „била инфицирана на некој начин“, но дека тежнеела да биде различна, а слична“.
„Да продолжам еден елемент кој тој го започна, тоа е факт, меѓутоа да бидам нова во моите истражувачки потези. Нова во начинот на сликање, начинот на печатење, начинот како јас ги гледам нештата. Мојот поглед да биде поинаков“, вели уметничката.
Конечно Настески и со информација дека таа секојдневно работи во своето ателје, дека нејзините потраги даваат одредени резултати, но дека сето ова е само еден почеток на патот по кој тргнала.
„Верувам дека овој творечки процес ќе се развива на некакви други нивоа и дека со време ќе понуди поинакви можности. Работам и се надевам токму на тие нови истражувачки моменти. Сега каде сето тоа ќе ме одведе и не сум сигурна. Еве почнав еден циклус на слики кои се малку поинаку третирани од последниот, и технички и тематски, на секој друг начин, и мислам дека е тоа само еден почеток. Нешто што допрва треба да се развива. Да игра. Да танцува“, ќе рече таа.
И, колку за потсетување. Родена 1981 година во Тетово, Ивана Настески студирала и пост-дипломски студии на одделот за графика и графички техники и завршила на Ликовната академија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Освен во родниот град, самостојно изложувала во Скопје, Охрид, Кавадарци, Прилеп, Белград, Шабац и Дрезден, а на групни, меѓународни графички биенални и триенални постановки се претставувала во САД, Мексико, Кина, Русија, Шпанија, Португалија, Грција и во Швајцарија.
Член е на ДЛУМ од 2009 година и добитник на значајни награди и признанија (посебно за издвојување е Гран При на асоцијацијата за графика во 2010 година), а во мај 2014 година, своите дела заедно со оние на Ивана Стојановска – Станковиќ, ги изложи на постановката во Галерија музеј „Куќата на Робевци“ во Охрид.
Следната 2015 изложуваше во Земун, за да не многу потоа со свои творби наново биде присутна на Графичкото биенале во Белград.